Се работи за два речиси идентични случаи што биле пријавени во СВР Штип. Од МВР информираат дека и во двата случаи се преземаат мерки за целосно расчистување и откривање на сторителите

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира за две измами врз стари лица кои биле телефонски излажани за наводни сообраќајни несреќи.
Двата случаи се речиси идентични, а измамниците успеале да извлечат по неколку илјади евра за наводна операција по повреда во измислена сообраќајна несреќа. Двата случаи се пријавени во СВР Штип.
„Првиот случај бил пријавен во 11:30 часот од 96-годишен маж, кој навел дека бил измамен за износ од 3 500 евра. Според пријавеното, телефонски му се јавило лице кое се претставило како лекар и му соопштило дека неговата ќерка се здобила со скршеници и дека е потребна итна операција за која требало да се плати. По претходен договор, оштетениот од балконот ги фрлил парите, кои биле преземени од лице што чекало под објектот и потоа го напуштило местото на настанот. Подоцна, откако стапил во контакт со неговата ќерка, сфатил дека станува збор за измама“,
информира МВР.
Вториот случај бил пријавен во 16:30 часот истиот ден од 77-годишна жена која изјавила дека била измамена на истиот начин. Таа навела дека лице кое се претставило како лекар телефонски ѝ соопштило дека нејзината ќерка е тешко повредена и дека е неопходна итна операција.
„По договор со сторителите, таа од балконот предала 3 000 евра, 30 000 денари и златен накит на женско лице, кое по преземањето го напуштило местото на настанот. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена“,
соопшти полицијата.
Од МВР информираат дека и во двата случаи се преземаат мерки за целосно расчистување и откривање на сторителите.
