На протестот беше побарано Министерството за животна средина и просторно планирање да одлучува според најдобрите европски стандарди кога на 12 март годинава цементарницата ќе аплицира за обнова на А-интегрираната дозвола
Од компанијата вчера соопштија дека ТИТАН Усје повеќе од еден месец е цел на неосновани напади, повикувајќи се на податоци вклучително и од државни институции дека тие не се причина за загадувањето

Скопјани имаат право на здравје и живот. Ова е главната порака на активистите од иницијативата „Стоп за Усје“ и останатите граѓани кои денеска протестираа поради загадувањето на воздухот и бараа од цементарницата „Усје“ да работи според еколошките стандарди.
Протестниот марш почна од пред Владата, помина покрај Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
На протестот беше побарано Министерството да одлучува според најдобрите европски стандарди кога на 12 март годинава цементарницата ќе аплицира за обнова на А-интегрираната дозвола.
Говореа граѓани од населбите Лисиче и Кисела Вода што живеат во близина на цементарницата.
„Во таа интегрирана дозвола нема напишано ниту еден ред за контрола на горивата што влегуваат во таа фабрика и се согоруваат. Дозволено им е да емитуваат 7 800 килограми сулфур диоксид на ден во атмосферата. Оваа количина на сулфур диоксид е хемиски еквивалент на речиси десет тони сулфуреста киселина дневно. Не знам кој им дозволил и се прашувам дали се компетентни да знаат што прават, но ним им е дозволено да согоруваат 35 илјади тони алтернативно гориво во кое се вклучени пластика, сечкани гуми и текстил. Дозволено им е да согоруваат петрококс од 160 илјади тони, 258 илјади тони лигнит кој е најнеквалитетниот јаглен, 534 тони јаглен и за ниту едно гориво нема дефиниран квалитет за влез во фабриката“,
рече Драган Кавраков, дипломиран технолог кој живее во близина на цементарницата.
Учеснците на протестот побараа да биде дозволено 24-часовно јавно и независно мерење на загадувањето директно од оџаците на цементарницата. Рекоа дека сѐ што е спротивно на тоа само ги зголемува сомнежите.

Граѓаните носеа транспаренти со пораки – „Профит за Усје, болести за нас“, „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксуз, туку наше право“.
Претходно, пред Владата беше побарано и затворање на цементарницата бидејќи, како што порачаа учесниците, профитот не смее да биде над здравјето на граѓаните.
„Институциите го штитат ‘Усје’, наместо граѓаните. Го признаваат проблемот, но не нудат никакво решение, наместо да нè штитат нас. Сето тоа го прават за профит бидејќи за нив профитот е најголем приоритет. Скопје е наше, без нас нема да постои Скопје. Доста ни го земаат за да остварат профит. Историјата покажува дека ниту еден народ што бил сплотен, не бил победен. Затоа, станете, народе, ни ги трујат децата“,
порача активист на протестот пред Владата.
Во очи денешниот протест, од компанијата ТИТАН Усје соопштија дека повеќе од еден месец се цел на неосновани напади. Потсетија дека компанијата веќе е под 24 часовен независен мониторинг и дека резултатите се јавно достапни.
„Мерните инструменти се поставени од страна на SICK- Германија, и ТИТАН Усје нема никаков пристап до овие инструменти, односно се работи за независен мониторинг. Точноста на овие мерења се потврдува со редовна калибрација на уредите за мерење и повеќекратна проверка и од страна на овластени меѓународни тела“,
соопштија од ТИТАН Усје.
Како аргумент плус, од ТИТАН Усје велат дека воздухот во Скопје бил загаден и во деновите кога фабриката воопшто не работела.
„Бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје. Загадувањето во Скопје беше високо и во изминатиот период кога ТИТАН Усје воопшто не работеше. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работеа – едната, печка број 4, од 20.12.2025 година, а втората, печка број 3 од 16.01.2026 година, се до 29.01.2026 година, кога печката број 4, беше повторно вклучена, согласно работниот план. И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работеше во овој период, највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна и до 275 микрограми на кубен метар“,
соопштија од ТИТАН Усје
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Тетово, одговарајќи на новинарско прашање за денешниот протест „Стоп за Усје“, рече дека секој граѓанин има право јавно да го искаже своето незадоволство.
„Ние како Влада правиме сѐ за граѓаните да имаат здрава и чиста животна средина. Тоа што со децении ништо не е направено, немам што да кажам“,
рече премиерот.
Според него, Владата презела конкретни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот и на животната средина преку договори за изградба на когенеративни централи и системи за далечинско греење, како и преку одлуки за набавка на електрични автобуси, што не се наменети само за главниот град.
