Според него, за Град Скопје ќе бидат отстапени 100 автобуси со 50 полначи, а другите општини што имаат организиран јавен превоз ќе добијат 50 автобуси со 25 полначи
Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за плановите за набавка на најавените еколошки автобуси за главниот град.
За нивна набавка, како што додаде, ќе се користи кредит со рок на отплата од вкупно 15 години и каматна стапка од 3,25 отсто преку меѓувладиниот договор со Унгарија.

„На владина седница донесовме одлука, во рамки на договорот влада со влада што го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит, под оние исти услови што ги имавме и во претходниот случај, односно три години грејс-период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка“,
рече тој.
Посочи дека Град Скопје претходно побарал 250 автобуси, но во ова фаза ќе добие дел од нив, како и другите општини што имаат организиран јавен превоз исто така ќе добијат дел од побараните автобуси.
„За Град Скопје ќе бидат отстапени 100 автобуси со 50 полначи. Другите општини што имаат организиран јавен превоз побараа 89, а ќе добијат 50 автобуси со 25 полначи“,
кажа премиерот.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во декември минатата година рече дека очекува наскоро да биде распишана тендерска постапка за набавка на 80 електрични автобуси за главниот град.
Набавката на екоавтобуси за Скопје е едно од неговите ветувања за време на градоначалничката кампања.
