Балканот изгубил 2 450 километри недопрени реки во последните 12 години – е заклучокот од истражувањето нарачано од организациите „Еуронатур“ и „Ривервоч“ во рамки на кампањата „Спаси го синото срце на Европа“. Среќа во несреќа е што економскиот развој на Македонија, за разлика од Западна Европа, е на такво ниво што речиси половина од реките и натаму се водат како „речиси недопрени“. Но, тоа не значи дека многу водотеци не се под притисок да го изгубат тој статус. Малите хидроцентрали, ископот на песок и т.н. уредување речни корита, па и нерегулираните градби и насипи се главните причини поради кои некои водотеци во меѓувреме го изгубиле природниот тек
Минатово лето речиси два месеца граѓани го креваа гласот против изградба на две мали хидроцентрали на реката Дошница на планината Кожув.
„Се соочуваме со некои лични интереси на некои луѓе, поединци, кои сакаат да ни ја стават во цевка една од најчистите реки во Македонија“,
рекоа дел од демонстрантите.
На македонското оро се фати дури и светски познатата еко-активистка од Шведска, Грета Тумберг.
„Сите овие напори се поврзани. Затоа за мене лично е важно да ја поддржам секоја локална битка, било тоа да е оваа река или некоја река во Шведска“,
рече Тумберг при посетата на реката Дошница.
Но, не само поради малите хидроцентрали. Реките во Македонија се во опасност и од нелегалниот ископ на песок и чакал, за што во повеќе наврати известуваше „360 степени“.
„Сите се против песокот што се краде, не се уредува речното корито. Досега има однесено околу 300 камиони“,
рече еден од демонстрантите против нелегалниот ископ на песок од реката Брегалница кај Карбинци (9.12.19).
Неретко, природниот тек на реките е попречен и од објекти од непознато потекло и употреба.
„Овие објекти не се впишани ниту во Катастар, немаат сопственик, не се легални, не постојат, не можете да најдете никаква документација за нив“,
вели Ана Чоловиќ-Лешоска – извршна директорка на „Екосвест“.
Што прави Македонија за заштита на своите недoпрени реки како дел од последното такво подрачје во Европа – Балканскиот Полуостров?
Мали хидроцентрали
Маркова Река тече по падините на Мокра Планина и поминува покрај познатиот Марков манастир во Општина Студеничани. На неа веќе има три функционални мали хирдоцентрали.

Таму отидовме со Ѓорѓи Митревски од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ за да видиме каква е состојбата на теренот по изградбата на хидроцентралите.
Митревски е еко-активист кој со години ја следи оваа проблематика. Често го поминувал овој пат кој, благо кажано, е предизвикувачки за возење дури и со теренско возило.
Секоја мала хидроцентрала има по два објекти. Еден е подолу и во него се произведува струја, а другиот неколку километри погоре каде се зафаќа речната вода која го врти генераторот.
Го одминавме објектот за производство од првата хидроцентрала и се упативме кон вториот објект – за зафаќање на водата.
Набрзо наидовме на знаци што предупредуваат на опасност. Се појавија остатоци од одрони и големи свлечишта.
„Пат што е специјално отворен за таа намена. Тоа значи пробивање пат, сеча на шумата, девастацијата на теренот е очигледна. Можеме да видиме ерозија што завршува директно во речното корито. Ова е потполна, целосна промена на рељефот онаков каков што до неодамна бил на Маркова Река“,
вели Ѓорѓи Митревски – координатор на програмата за заштита на води во „Екосвест“.

Продолживме по патот на кој се свлекле карпи, но успеавме да се пробиеме и да стигнеме до објектот.
„Во моментов во Македонија има 98 оперативни мали хидроцентрали. 30-тина се во изградба или со дозволи за изградба и уште најмалку 50 планирани. Тоа значи девастација на природното богатство, тоа значи повеќе од 80 уништени реки, значи изградба на пристапни патишта, значи ерозија во речното корито, отворање патишта за дивата сеча на дрва и, нормално, комплетно уништување на геоморфологијата на пределот“,
рече Митревски.
Митревски вели дека малите хидроцентрали имаат особено негативно влијание врз рибите и останатиот жив свет поврзан со реките.
„Знаете дека пастрмката и другите риби се мрестат во горниот тек на реките. Со вакво пресечување, испрекинување на речното корито, видовите не можат да мигрираат во горните текови каде што треба да се мрестат. Како резултат на тоа имаме драстично опаѓање или исчезнување на популациите на риби и другите акватични водови и, нормално, видовите што се зависни од нив како видрата итн.“,
додава тој.

Според него, ваква пракса на изградба на неколку хидроцентрали по течението на иста река има на повеќе места низ Македонија. Вели дека тоа значи заробување планински реки, а државата нема стратегија за нивно ослободување.
„Малите хидроцентрали државата ги поддржува со она што се нарекува фиксни тарифи. Тоа значи дека на инвеститорот му се гарантира откуп на електричната енергија по загарантирана цена без да биде изложен на пазарните услови. Ваквата мерка значи стимулирање на инвеститорите за изградба на мали хидроцентрали. Вообичаено во Европа овие мерки се воспоставени за некои нови технологии на обновливи извори на енергија за да ги стимулираат инвеститорите да вложуваат во нови технологии што се скапи. Малите хидроцентрали воопшто не се нова технологија“,
смета тој.
Истражување
Со последиците што ги предизвикуваат малите хидроцентрали, браните за вештачки акумулации и други препреки на речните текови, не се соочува само Македонија.
Црвеното знаменце го крева и извештајот „Хидроморфолошка состојба на балканските реки 2025“, нарачан од организациите „Еуронатур“ и „Ривервоч“ во рамки на кампањата „Спаси го синото срце на Европа“.
Според извештајот што ја анализира состојбата со реките во 11 земји, има пораст на бројот на сериозно изменети речни делници и намалување на бројот на реки што останале недопрени.
Анализата покажала дека процентот на речиси природни реки на Балканскиот полуостров се намалил од 30 во 2012 на 23 проценти во 2025 година, што е загуба од 2 450 километри дотогаш недопрени реки.
За Македонија пишува дека 47 отсто од реките се речиси недопрени, а три отсто се силно изменети.
„Планинските речни текови кои сè уште се во релативно висока еколошка состојба, претрпуваат силни измени во одредени делови, како што е случајот со големите брани на Црна Река (браната Тиквеш) и на Треска (браната Козјак)“,
пишува во извештајот.

Овие податоци за Митревски се поразителни.
„На европскиот континент единствениот регион каде сè уште има чисти и недопрени од човекот реки од својата природна состојба се токму земјите на Балканскиот Полуостров, вклучително и Македонија. Но, таа состојба рапидно се менува. Ако пред 15 години имавме поголем процент на реките во природна состојба, денеска имаме речиси сто мали хидроцентрали“,
вели тој.
„Ослободување на реките“
На десетина километри од Куманово е селото Шупљи Камен. Во негова близина е течението на реката Пчиња во чие корито до неодамна ја имаше оваа бетонска препрека.
Тоа е една од локациите на кои токму Центарот „Екосвест“ почнал со реализација на проектот „Ослободување на реките“.
Истражувале колку и какви препреки има по течението на Пчиња. Дошле до бројка од вкупно 45. Прибирале податоци за влијанието на секоја од нив врз животинскиот и растителниот свет, социолошкиот и правниот аспект, како и врз хидролошката состојба.
„Стигнавме до топ две бариери кои доколку ги отстраниме ќе имаме најголем ефект за ослободување на најголем број километри на реката Пчиња и најголем ефект за подобрување на еколошкиот статус. Две бариери. Едната на Крива Река, тоа е последната каскада на Крива Река, ја нарековме број 33, и Пчиња два, а тоа е оваа локација каде што сме сега“,
рече Ана Чоловиќ-Лешоска – извршна директорка на „Екосвест“.

Бетонската бариера на Пчиња била долга 50, а широка 30 метри. Точни податоци за староста, изградбата и намената на објектот не се пронајдени, но се верува дека некогаш служел за воени цели. Со текот на времето се руинирал и изгубил функција. Еко-активистите долго време собирале мислења од надлежните државни и локални институции со кои соработувале и тргнале во акција.
„Во случајот со Шупљи Камен, што навистина беше голем зафат, направивме целосна техничка документација, сите елаборати, сите проценки и анализи, вклучително и анализите на квалитетот на водата и седиментот. Работевме со хидролози, направен е геодетски елабодат со цел да се утврди начинот на отстранување бидејќи и тука има посебности“,
смета Чоловиќ-Лешоска.

Отстранувањето со динамит ќе било штетно за околината, па се решиле за ангажирање градежна компанија за остранување дел по дел. Работите траеле околу два месеца, од 12 октомври до 15 декември минатата година. Сега водата има слободен тек, без препреки, во должина од околу 72 километри вклучувајќи ја Пчиња и нејзините притоки.
Локацијата ја посетивме со извршната директорка на „Екосвест“, Ана Чоловиќ-Лешоска. Таа вели дека сега се подобрува квалитетот на водата бидејќи имало показатели на загадување поради отпадот што се собирал на препреката и застојот на водотекот.
„Самото ослободување на голем речен тек значи дека веќе живеалиштето на рибите, има четири специфични видови риби во Пчиња, дел од нив се бентосни, го користат дното на реката и не можат да мигрираат доколу има препреки. Но сега, со ослободување голем тек, тие можат слободно да се движат. Тоа значи нивното генетско здравје ќе се подобри“,
додаде таа.

Претходно, во август минатата година била отстранета и бетонска препрека на најголемата притока на Пчиња, Крива Река. Според „Екосвест“, порано таа имала функција да го успори текот на реката, но низ годините се уништила и пропаднала на дното, правејќи непотребна бариера која ги блокирала речните седименти и го влошувала еколошкиот статус на реката.
Чоловиќ-Лешоска вели дека има изолирани примери каде државата се погрижила за заштита на природниот тек на реките, но потребен е системски пристап.
„За жал би кажала дека причината зошто нашите реки се удрени од повеќе места, од ископот на чакал и песок, од хидроелектраните итн. е заради тоа што немаме планови за управување со речните сливови. Кога ќе имаме планови за управување со речните сливови значи дека во секој сегмент на реката ние знаеме кој е еколошкиот статус, што може и што не може да се прави на тоа место“,
смета Чоловиќ-Лешоска.
Што велат надлежните?
Во Секторот за води при Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека се задоволни што извештајот на „Еуронатур“ и „Ривервоч“ покажува дека половина од реките во Македонија се речиси недопрени.
Сепак, раководителот Илбер Мирта смета дека тоа не значи дека состојбата на речните екосистеми е добра.

„Според извештајот, трендот оди во погрешна насока. Не сме многу активни во таа насока“,
изјави Илбер Мирта – раководител на Сектор за води при МЖСПП.
Но, додава Мирта, има законски оправдани потреби поради кои се интервенира во речните корита. Како на пример, за водоводи, наводнување, производство на електрична енергија.
„Нормално дека ние такви активности дозволуваме, нормално, согласно нивната техничка документација, нивните еколошки елаборати кои кажуваат дали со тие активности може да се наруши или не може да се наруши, мислења од други институции и, нормално, се во рамките на дозволеното“,
додава тој.
Целата операција за отстранување на бетонската препрека на Пчиња чинела околу 50 илјади евра обезбедени од донатори и околу две години институционална битка.
Проектот покажува и дека може и дека треба реките да се ослободат од човековото влијание, особено откако завршиле причините за нивната експлоатација, независно колку биле оправдани.
