Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се надева на динамични и консензуални разговори со цел донесување, како што рече, поквалитетен Изборен законик од претходните, кој ќе биде прифатлив за сите страни и едногласно изгласан
Политичките партии предложија свои претставници кои ќе учествуваат во работната група за Изборниот законик, информира на денешниот брифинг со новинарите собранискиот спикер Африм Гаши. Списокот е веќе испратен до Министерството за правда и се очекува министерот Игор Филков да ја закаже првата средба.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во работната група ги предлага пратениците Антонијо Милошоски и Иванка Василевска, за претставници на ЗНАМ се номинираат Павле Арсоски и Даниел Стојчевски, а владејачката коалиција ВЛЕН ги предлага Саранда Имери и Зеќирија Таири.
Опозицискиот СДСМ во работната група ќе биде претставуван од Оливер Спасовски и Јована Тренчевска, ДУИ ќе биде претставувана од поранешната пратеничка Арта Биљали Зендели и од Блерим Беџети, а претставници на Левица ќе бидат Борислав Крмов и Реџеп Исмаил. Од Алијанса за Албанците на Зијадин Села претставници ќе бидат пратениците Илире Даути и Елми Азири, а од крилото на Арбен Таравари се пратениците Ријад Шаќири и Халил Снопче. Партијата на Турците ќе ја претставува пратеникот Бејџан Иљас, а ЛДП – Моника Зајкова.
„Политичките партии веќе предложија имиња, а ние ги препративме до Министерството за правда. Се слушнавме со министерот за правда. Многу скоро ќе ја имаме првата официјална средба, односно конститутивната седница на работната група и така ќе се договориме за принципите на работната група на Изборниот законик“,
изјави претседателот на Собранието.
Гаши се надева на динамични и консензуални разговори со цел донесување, како што рече, поквалитетен Изборен законик од претходните, кој ќе биде прифатлив за сите страни и едногласно изгласан. Вели дека сè уште нема информации дали станува збор за целосно нов закон или за измени на постојниот Изборен законик.
„Тоа ќе биде доставено од министерот за правда на првата средба. Така се договоривме на првата координација со Министерството за правда, кога ќе се формира работната група, да го имаме и текстот. Тогаш ќе видиме дали имаме текст за измени на Изборниот законик или за целосно нов текст“,
изјави Гаши.
На последната средба на координаторите на пратеничките групи и на министерот за правда беше констатирано дека ако пратениците утврдат, ќе се менува повеќе од една третина од Изборниот законик.
