Русија сака украинските трупи да се повлечат од делови од источниот регион Донбас кои сè уште се под контрола на Киев. Украинската влада се спротивставува на ова. Германскиот експерт за безбедност Нико Ланге напиша на социјалната мрежа Икс дека Трамп се чини оти дал ветувања во Анкориџ што сега не може да ги исполни, поради што САД вршат притисок врз Украина да направи отстапки
Кремљ објави дека разговорите меѓу Русија, Украина и САД за завршување на војната се уште се во рана фаза, предупредувајќи дека не треба да се очекуваат опипливи резултати.

„Би било погрешно да се очекуваат големи резултати“,
изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во Москва, осврнувајќи се на трилатералните разговори одржани минатиот викенд во Обединетите Арапски Емирати.
Руската државна новинска агенција ТАСС го цитираше Песков кој изјавил дека темите што се дискутирале во Абу Даби биле тешки, но самиот факт дека овие контакти започнале конструктивно, треба да се смета за позитивен.
Во првите директни преговори меѓу завојуваните страни во последните неколку месеци, по една недела беше договорено само продолжување на разговорите, а датумот сè уште не е одреден, јави агенцијата ДПА. Агенцијата Франс прес, во текот на викендот, повикувајќи се на неименуван американски функционер, објави дека се очекува нова средба во недела, на 1 февруари.
Песков ги негираше извештаите на американските претставници дека меѓу украинските и руските учесници имало речиси пријателска атмосфера.
„Тоа е тешко возможно во оваа фаза“,
рече тој.
Песков се осврна на „формулата на Анкориџ“ што ги истакнува руските интереси, алузија на самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во август 2025 година. Никаков договор од таа средба не е објавен јавно.
Русија сака украинските трупи да се повлечат од делови од источниот регион Донбас кои сè уште се под контрола на Киев. Украинската влада се спротивставува на ова. Германскиот експерт за безбедност Нико Ланге напиша на социјалната мрежа Икс дека Трамп се чини оти дал ветувања во Анкориџ што сега не може да ги исполни, поради што САД вршат притисок врз Украина да направи отстапки.
