Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 12 октомври 2026 г. на МРТ 1, во кое гостуваат Тони Поповски, Ана Крстиновска и Димитар Николовски
Ограничување на ветото во пристапните преговори може да ѝ донесе поголема предвидливост на Македонија, но неизвесно е дали, во каква форма и кога земјите членки ќе го прифатат предлогот на Европската комисија, оценуваат Тони Поповски, Ана Крстиновска и Димитар Николовски во новото издание „360 степени“ на МРТ 1. Дел од нив во предложените промени препознаваат можни гаранции за македонскиот европски пат, со напомена дека предлогот не ја менува постојната Преговарачка рамка. Во дебатата се посочува и домашната одговорност за изостанувањето на Македонија од најавените патокази за четири држави, но и можноста овие документи да ги охрабрат македонските власти доколку понудат појасен пат до членството. Постепената интеграција се оценува како можност за економски придобивки и продолжување на реформите пред зачленувањето, но дел од соговорниците предупредуваат и на ризик од останување во „комфорна зона“ со ослабен поттик за полноправно членство. Средбата на министрите Муцунски и Петрова-Чамова во Софија се оценува како позитивен чекор, а соговорниците нагласуваат дека за резултат се потребни континуиран дијалог, конкретна агенда и работа на обновување на довербата. Меѓу предлозите е Македонија да настапи со сопствен нацрт на гаранции и да побара јасен одговор дали несогласувањата во историската комисија ќе водат до ново вето. Се предупредува и на политичкиот притисок врз историчарите, со порака дека двете држави треба да најдат начин да управуваат со разликите без секое несогласување да прераснува во блокада на европскиот пат.
