„Поради можноста од локално пообилни и повремено поројни врнежи од дожд и локално зголемување на водостоите на реките и суводолиците, предупредуваме на внимателност најпрвин во југоистилните делови на земјата, а кон крајот на утрешниот ден и во централните, северните и североисточните делови“, велат од Управата за хидрометеоролошки работи
Циклонската активност која се очекува од ноќеска да ја зафати земјава, и да донесе обилни врнежи од дожд во текот на утрешниот ден, можно е да предизвика зголемување на водостоите на реките во повеќе делови на земјата, поради што од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредуваат на внимателно движење покрај речните корита.

Според УХМР, се очекува обилни врнежи најпрво да ги зафатат југоисточните делови од земјата, а потоа да се прошираат и на јужните, централните, северните и североисточните региони. Локално се очекува да наврнат и над 30 литри дожд на квадратен метар за 24 часа.
„Врнежите се очекува да предизвикаат локално зголемување на водостоите на реките и суводилиците во Струмичкиот регион, во Гевгелиско-Валандовската котлина и во Дојранскиот регион. Поради таквата можност, предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводилиците во текот ноќта и утрешниот ден во југосточните делови на земјата“,
се вели во извештајот на УХМР.
Идентична прогноза и предупредувања од Управата даваат и за останатите региони од државата каде се очекува врнежите да се прошират.
Оттаму апелираат на претпазливо движење покрај долниот слив на реката Вардар и реките во Демиркапискиот и Кавадаречко-Неготинскиот регион, како и покрај сливните подрачја на Кумановска Река, Крива Река и реката Пчиња во северните и североисточните делови од земјата.
Според синоптичарите утре се очекува да дува и повремено засилен ветер од југоистичен правец и можна е појава на бранови на Охридското Езеро.
„Поради можноста од локално пообилни и повремено поројни врнежи од дожд и локално зголемување на водостоите на реките и суводолиците, предупредуваме на вниматечност најпрвин во југоистичните делови на земјата, а кон крајот на утрешниот ден и во централните, северните и североистолните делови“,
се наведува во извештајот на Управата за хидрометеоролошки работи.
