Утре кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег

Времето денеска ќе биде променливо облачно со подолги сончеви периоди. Во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на магла, а ќе дува и слаб ветер од променлив правец. Утринската температура ќе биде од минус два до два Целзиусови степени, а дневната ќе се движи од пет до 10 степени.
За Скопје, денеска се прогнозира променливо облачно време со сончеви периоди. Температурата ќе се движи од минус еден степен наутро до седум во текот на денот.
Според прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) утре претпладне ќе има променливо облачно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Во текот на денот ќе дува умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Макисмалната температура ќе биде од четири до 11 степени.
Пообилни врнежи од дожд ќе има во недела во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места ќе преминуваат во снег. Врнежите ќе продолжат и во понеделник.
