За одземање на имунитетот на судијата Ристов и одобрувањето на одлуката тој да оди во куќен притвор, „за“ гласаа сите десет присутни члена на Судскиот совет на денешната итна седница
Судскиот совет попладнево со мнозинство гласови му го одзеде имунитетот на судијата во Апелацискиот суд Скопје, Ѓоко Ристов, и го одобри барањето на скопскиот Основниот кривичен суд да му биде одредена мерка куќен притвор, како што претходно предложи Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата.

Покрај овие две одлуки, Судскиот совет одлучи и судијата Ристов времено да биде оддалечен од вршењето на судиската функција, до правосилното завршување на кривичната постапка.
Осомничениот апелациски судија се гони за три кривични дела – противправно стекнување и прикривање имот, според членот 359-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и за перење пари и други приноси од казниво дело. Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата денеска соопшти дека по сослушувањето на судијата Ристов, против него е поведена истражна постапка за наведените кривични дела, а откако викендот во неговиот семеен дом во Неготино истражните органи пронајдоа 350 000 евра сокриени во простор од ѕид. Според ОЈО ГОКК, постојат основани сомненија дека парите се стекнати на незаконски начин.
Од Обвинителството до судот доставија предлог на судијата да му биде определена мерка куќен притвор, но за да се ефектуира мерката се чекаше на одлука на Судскиот совет бидејќи, според Законот за судовите, судиите уживаат имунитет во своето работење и не можат да бидат притворени без одобрување на Советот, освен во случај ако е затекнат во вршење на кривично дело за кое пропишана казна затвор од пет години.
За одземање на имунитетот на судијата Ристов и одобрувањето на одлуката тој да оди во куќен притвор, „за“ гласаа сите десет присутни члена на Судскиот совет на седницата.
Инаку, ова беше прва седница на која присуствуваа и за донесување на одлуките гласаа двете нови членки на Советот, Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ, кои минатата недела беа избрани на функциите од Собранието, а на предлог на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Покрај нив, на седницата беа присутни и членовите Аритон Ала, Исамедин Лимани, Антоанета Димовска, Ивица Николовски, Данка Ристова, Ханиф Зендели, Џенета Бектовиќ и Павлина Црвенковска.
Поради користење денови од одмор, не беше присутен претседателот на Советот, Александар Камбовски, поради што со седницата претседаваше неговиот заменик, Аритон Ала. Во салата за состаноци на Судскиот совет не беше и членката Тања Чачарова-Илиевска, која извесен период е на боледување.
„Денешната 535. седница се свикува како итна седница со оглед дека во 14 часот до Судскиот совет е поднесено барање од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција за одземање на судискиот имунитет на судија, како и одобрување на предлогот за куќен притвор по кое барање Советот одлучува во итна постапка и во рок од 24 часа од доставувањето на барањето“,
рече Ала во образложението.
Инаку, јавноста не можеше да ја слушне дискусијата по поднесеното барање на Кривичен бидејќи сите присутни членови на Советот одлучија да ја исклучат, повикувајќи се на членот членот 43 став до Законот за Судски совет.
Образложението на Судскиот совет за исклучување на јавноста беше дека станува збор за истражна постапка која е тајна.
„Напоменуваме дека јавноста беше исклучена само од расправата согласно член 43 став 2 од Законот за судскиот совет, а во насока на тоа да не се наруши тајноста на истражната постапка при расправањето по конкретното барање од судијата на претходна постапка“,
наведоа од Судскиот совет во соопштението по седницата.

Претходно денеска од Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата информираа дека освен мерка куќен притвор е предложено на апелацискиот судија Ристов да му биде определена и мерка претпазливост, односно привремено одземање на пасошот или друга исправа за преминување на државната граница.
