Од Кривичниот суд Скопје попладнево потврдија дека го добиле предлогот на Обвинителството. За ова веднаш го известиле Судскиот совет кој сега треба да донесе одлука дали ќе му го одземе имунитетот на судијата Ристов. Без одземен имунитет, Судот не може да му определи куќен или ефективен притвор
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом беа пронајдени 350 000 евра соѕидани во простор од ѕид, денеска се појавил во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

„Предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар – противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело“,
информираат од Обвинителството.
По сослушувањето, ОЈО ГОКК до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог на осомничениот судија да му биде определена мерка куќен притвор, како и мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државните граници, односно забрана за нејзино издавање.
Од Кривичниот суд Скопје попладнево потврдија дека го добиле предлогот на Обвинителството со кој се бара на осомничениот судија да му биде определен куќен притвор и мерки на претпазливост.
„Предлогот е распределен кај судија на претходна постапка кој веднаш достави известување до надлежниот Судски совет, од каде се очекува одговор, по што судијата ќе продолжи со постапување“,
информираат од Кривичен.
На потег е Судскиот совет
Судиите во земјава уживаат имунитет во вршење на судиската функција. Според Законот за судовите, судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од пет години.
Согласно членот 104 од новиот Закон за Судски совет, Советот со најмалку седум гласа од вкупниот број членови со право на глас (тринаесет членови), дава согласност по барањето за одобрување притвор на судија и му го одзема имунитетот.
