Скопската епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на светиот крст кој годинава ќе се обидат да го фатат околу 160 граѓани
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици. Според христијанското предание, на овој ден Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.

Tрадиционално, во Скопје и во другите градови во земјава денеска во осветените води ќе биде положен светиот крст. Според верувањата, оној што ќе го фати крстот ќе го следат среќа и благослов цела година.
Скопската епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на светиот крст кој годинава ќе се обидат да го фатат и извлечат околу 160 граѓани.
Одбележувањето на Богојавление во Скопје ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе богослужи поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан. По литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј ин“, каде што ќе почне водосветот. Околу 12 часот поглаварот на МПЦ-ОА ќе го спушти светиот крст во Вардар.
Централната богослужба во Охрид, пак, ќе се одржи во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско. Богослужби ќе има и во црквите „Св. Никола – Геракомија“, „Св. Никола“ во Долна Влашка Мала и „Св. Ѓорѓија“ во Горна Влашка Мала. Во 9:45 часот литиите од сите цркви ќе тргнат кон градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и ќе се положи светиот крст во водите на Охридското Езеро.
Оваа година првпат водите на Охридското Езеро ќе ги освети и во нив ќе го положи светиот крст новиот митрополит дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј. На манифестацијата во Охрид се очекува да присуствува претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
