Неговото отсуство од лидерската средба според него не е грешка оти тој не им верува на луѓето од власта оти едно зборуваат, а прават сосема други работи. Дополнително, вели оти власта ги злоупотребува институциите, правејќи притисок преку полиција и социјалните служби
Актуелната власт ги има истите манири коишто доведоа до воопшто и да се формира моделот на Пржинска влада и сметам дека со таква власт воопшто не треба да се седи и разговара оти општеството не е зрело за укинување на овој модел, рече лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче на прашањето дали неговата партија е согласна за укинување на техничката влада по следните избори, тема која се разговараше на лидерската средба одржана пред неколку денови во Клубот на пратеници, на која лидерот на СДСМ не зема учество.

Тој вели оти лично не мисли дека неговото отстуство од средбата е грешка бидејќи како што кажа не им верува на луѓето од власта кои едно зборуваат, а друго прават. Дополнително, во контекст на Пржинската влада и нејзиното евентуално укинување, како аргумент против, вели оти власта во моментот ги злоупотребува сите институции, дека прави притисоци преку полцијата, преку социјалните служби, но и дека се случуваат злоупотреби во земјоделството.
„Што повеќе од ова треба да видиме да знаеме дека некој од опозицијата треба да прави контрола во таа власт. Тоа беше во 2016 година, тоа истото што се случуваше тогаш, се случува и сега. Општеството не е зрело. ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години нема спроведувано парламентарни избори. Ние имаме причини и конкретни аргументи зошто се сомневаме дека тие тоа не можат да го направат така како што треба, фер и демократски. Фокусот е на следните избори, а за тоа понатаму ќе зборуваме“,
рече тој.
Филипче рече и оти СДСМ е единствената опозиција бидејќи се видело дека е јасно оти со тоа што Левица и ДУИ седнале на маса, се договараат за свои работи.
Во однос на Законот за сообраќајни прекршоци, и за тоа како неговата партија ќе се постави кога тој ќе се најде пред пратениците во Собранието, тој вели оти го поддржува во делот за намалување на ризикот од несреќи, но оти има две важни работи за кои треба да се разговара, за висината за казните и за тоа кој ќе ги контролира генерираните податоци кои системот треба да ги собира. Тој рече оти пратеничката група на СДСМ својот став ќе го каже на собраниска седница.
„Станува збор во моментов за власт на ВМРО-ДПМНЕ, којашто има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така, тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“,
кажа тој.
