Изјавата на министерката доаѓа откако вчера директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, рече дека од нејзиното воведување мерката не го има дадено очекуваниот ефект

Нема да има промени во однос на „Мој ДДВ“, сето останува како што беше и досега, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Изјавата на министерката доаѓа откако вчера директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, рече дека мерката откако е воведена не го има дадено очекуваниот ефект.
Димитриеска-Кочоска вели дека не ја има слушнато изјавата на директорката на УЈП, но потврди дека досега во Финансии нема пристигнато некаква информација или извештај околу „Мој ДДВ“.
„Ниту, пак, сме разговарале на тема воопшто дека ќе го менуваме законот или воопшто ќе дискутираме околу ’Мој ДДВ’. Така што не можам да кажам дека ќе има било какви промени, туку напротив сето останува како што беше и до сега“,
вели министерката.
Директорката на УЈП синоќа во телевизиско гостување рече дека не е разговарано за евентуално укинување на „Мој ДДВ“ или, пак, дека постои некаква таква одлука или намера за донесување на таква одлука.
Меѓутоа, рече Петрова, кога се работи за таква мерка за која се трошат јавни средства, секако дека треба да се погледне и да се разговара за ефикасноста на мерката и дали таа ги дава целите заради коишто била воспоставена.
„Преку оваа мерка, на квартално ниво за 2025 година, се издвојуваат околу 14,5 милиони евра за, во просек, околу 502 000 корисници. И овој износ секоја година се зголемува во однос на претходните години. Се зголемува и бројот на корисници, но заради тоа што се зголемува и наплатата на приходот, во просек можеме да кажеме дека за оваа мерка се издвојуваат околу четири проценти од годишната наплата на ДДВ приход или тоа е еквивалентно на приближно половина месечен ДДВ приход“,
рече Петрова.
Таа нагласи дека мерката, која е воведена во 2019 година, требала да доведе до намалување на сивата економија и секој граѓанин го поставува во улогата на даночен инспектор.
„Ако од тој аспект сакаме да ја процениме мерката, состојбите кои што ги гледаме на терен и состојбите кои што можеме да ги забележиме и внатре, врз основа на сите податоци со кои што располагаме, јасно водат до заклучок дека мерката не го дала посакуваниот ефект“,
нагласи Петрова.
Таа потврди дека апликацијата „Мој ДДВ“ има одредени технички проблеми кои се во континуитет.
„Состојбата е таква зошто со години наназад не постоеле соодветни вложувања и инвестици во обезбедување соодветна ит-структура, во надградба на системите. Сега започнавме процес и реализиравме најголема набавка на ит-опрема која е во фаза на инсталирање и со која ќе се обезбеди сигурна и стабила ит-инфраструктура“,
рече таа.
