Професорот Петар Атанасов бил дисквалификуван од трката за ректор на УКИМ и, како што вели, универзитетската изборна комисија тоа го сторила без да го извести претходно и без сериозна причина.
Во отворено писмо, Атанасов наведува дека сите документи што биле барани со конкурсот ги доставил уредно и навреме, а дека Комисијата за избор на ректор не му ги прифатила документите и програмата со образложение дека се во пдф-формат и не можела да ја отвори бидејќи е заштитена со лозинка.
„Тоа е мое уставно право. Јас бараните документи за избор на ректор ги доставив на 8 јуни во печатена форма. И тука за Комисијата е сѐ во ред. Но, документите требаше да се достават и електронски. И тоа го направив. Но, со тоа што го заштитив документот со мојата програма. Притоа, во самата електронска порака напишав дека: Документот со мојата програма е заштитен, затоа што во овој момент не се јасни следните чекори во постапката. Во моментот кога Изборната комисија ќе соопшти како ќе продолжи постапката и ќе одлучи да ги разгледува документите, ќе ја доставам и лозинката. За ова имам цврсти докази. Од Комисијата ниту ми се јавија ниту побараа лозинка за документот. И покрај тоа што во пријавата се дадени и мојата е-маил адреса и мојот мобилен телефон“,
реагира Атанасов.
Во отвореното писмо тој бара од Универзитетската изборна комисија да поднесе оставка и смета дека е потребно нова и законска постапка која треба да ја спроведе наредниот Сенат на УКИМ, што треба да се конституира за неколку дена ако, како што вели, „и тоа не се саботира“.
Соопшти и дека вчера, уште пред Комисијата да го дисквалификува од конкурсот, поднел претставка до Државната комисија за спречување корупцијата со барање сегашниот ректор „поради судир на интереси и трговија со влијанија да биде дисквалификуван од овој конкурс“, а целата постапка да се повтори според новите законски и статутарни одредби на УКИМ.
Атанасов најави дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Комисијата Пламен Тројачанец и дека ќе побара правна заштита, а бидејќи е отстранет од трката за ректор на УКИМ својата биографија и програмата ќе ги објави на социјалните мрежи.