Од опозициските партии засега потврда дека ќе учествуваат на средбата има само од Левица, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот, а ДУИ денеска ќе одлучи дали Али Ахмети ќе учествува на состанокот

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, утре во Клубот на пратениците ќе одржи лидерска средба со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
Од опозициските партии засега потврда дека ќе учествуваат на средбата има само од Левица, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвремени избори“.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) велат дека денеска попладне на седница на генералниот совет на партијата ќе донесат одлука дали нејзиниот лидер Али Ахмети ќе учествува на состанокот.
Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ во владата присуството на утрешната средба го потврдија од коалицијата ВЛЕН, која ќе биде претставена од еден од лидерите – тетовскиот градоначалник Биљал Касами.
Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ја поздравија иницијативата за лидерска средба оценувајќи ја како можност сите релевантни политички фактори да покажат одговорност кон државата и граѓаните.
Лидерската средба ја поздравија и Либерално-демократската партија и ДОМ.
На средбата е најавено дека ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
