За време на вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН, заменик-амбасадорката на САД во ОН, Тами Брус, порача дека со лансирањето на балистичката ракета со нуклеарна моќ „орешник“, Русија ризикува проширување и интензивирање на војната
Соединетите Американски Држави ја обвинија Русија за опасна и необјаснива ескалација на речиси четиригодишната војна во Украина, со неодамнешното лансирање на ракетата „орешник“ на украинска територија.

За време на вонредниот состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации, заменик-амбасадорката на САД во ОН, Тами Брус, порача дека со лансирањето на балистичката ракета со нуклеарна моќ „орешник“, Русија ризикува проширување и интензивирање на војната.
„Во момент на огромен потенцијал и посветеност на претседателот Трамп на мирот низ целиот свет, двете страни треба да бараат начини за деескалација“,
рече Брус.
Таа ја потсети Русија дека пред речиси една година гласала за резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на прекин на конфликтот во Украина. Во духот на таа резолуција, Русија, Украина и Европа мора сериозно да се залагаат за мир и да го завршат овој, како што рече, кошмар.
Вчерашниот вонреден состанок на Советот на безбедност на ОН го свика Украина неколку дена по рускиот ракетен напад со стотици беспилотни летала и десетици ракети, вклучувајќи ја и ракетата „орешник“.
По нападот минатиот четврток, руското Министерство за одбрана потврди дека против Украина е употребено високопрецизно оружје со долг дострел од копно и море, вклучувајќи ја и ракетата „орешник“, како одговор на наводниот напад врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во Новгород.
