Денеска се очекува тимот за национална безбедност на американскиот претседател да одржи состанок во Белата куќа, на кој, според најавите, ќе се разгледуваат опциите за Иран, но, засега останува нејасно, односно нема информации дали Трамп ќе присуствува на состанокот
Американскиот претседател Доналд Трамп бил информиран за широк спектар на прикриени и воени средства што би биле употребени при евентуална интеренеција врз Иран, како одговор на употребата на сила од властите во Техеран против протестите што еруптираа во земјата, изјавиле двајца функционери на Пентагон за Си-би-ес њуз, американскиот партнер на Би-би-си.

Според изворите, напади со ракети со долг дострел и понатаму остануваат една од опциите за потенцијална интервенција на САД, но, иста така, се разгледуваат можности за кибер операции и психолошки средства за одговор на кампањата на иранските власти.
Инаку, Трамп вчера објави дека воведува царини од 25 отсто за стоки од земји кои имаат комерцијални врски со Иран, откако групите на човекови права јавија дека за време на тринеделните антивладини протести низ цел Иран се убиени повеќе од 600 демонстранти.
Од Министерството за надворешни работи на Иран, пак, изјавија дека Техеран е отворен за разговори со Вашингтон, но оти, исто така, земјата останува подготвена за војна, доколку дојде до некаков напад од страна на САД.
Денеска се очекува тимот за национална безбедност на американскиот претседател да одржи состанок во Белата куќа, на кој, според најавите, ќе се разгледуваат опциите за Иран, но, засега останува нејасно, односно нема информации дали Трамп ќе присуствува на состанокот.
Тој претходно изјави дека армијата на САД разгледува многу силни воени опции за интервенција во Иран, доколку продолжи убивањето демонстранти. Трамп изјави дека добил покана од иранските лидери за преговори, но додаде дека САД можеби ќе мора да дејствуваат пред евентуален таков состанок.
Незадоволството на народот поради падот на иранската валута и лошото управување со економијата на земјата прерасна во сериозна криза во Иран, што се заканува со рушење и на лигитиметот на врховниот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит вечера изјави дека ирански функционер контактирал со специјалниот пратеник на Трамп, Стиф Виткоф, додавајќи дека јавниот став на Техеран е сосема различен од пораките што американската администрација ги добива преку дипломатските канали.
Таа предупреди дека американскиот претседател не се плаши од употреба на воени средства врз Иран, доколку оцени дека тоа е потребно.
Двата извори од Пентагон, кои говореле под услов да останат анонимни, за Си-би-ес њуз, изјавиле дека секој американски воен одговор во Иран најверојатно ќе вклучува употреба на воената авијација, но додале дека лицата задолжени за планирање на операциите разгледуваат и опции за нарушување на иранските командни структрури и комуникациите во земјата.
Соединетите Американски Држави ги повикаа свои граѓани што се наоѓаат во Иран да ја напуштат земјата или да планираат начини да го сторат, во кои не би била вклучена помош од американската влада.
Врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи вчера ги обвини САД дека се користат со методи на лажно прикажување на состојбите и потпирање на предавнички платеници, истовремено упатувајќи пофални зборови за провладините собори што вчера беа организирани ширум Иран.
Ајатохалот изјави дека иранската нација е моќна и присутна на секоја сцена, како и дека ги препознава своите непријатели.
Иранските државни медиуми објавија дека големи толпи луѓе се собрале во неколку градови во земјата по повиците за провладини демонстрации. Редакцијата на Би-би-си Персија објави дека имала увид во текстуални пораки што им биле испраќани на граѓани во Иран со кои тие се повикуваат да присуствуваат на демонстрациите, истовремено упатувајќи предупредување да се држат настрана од антивладините протести.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) соопшти дека воведува царини од 25 отсто за стоки кои доаѓаат од земји кои имаат соработка со Иран, без да даде повеќе детали за одлуката.
„Оваа наредба е конечна и убедлива“, наведе тој.

Иран, кој е е веќе под строги санкции од САД, се соочуваа со колапс на домашната валута и инфлација што ги зголеми цените на храната во земјата за дури 70 проценти. Инаку, храната сочинува околу една третина од увозот на Иран, а понатамошните ограничувања, предизвикани од царините, би можеле да ја влошат и онака кревката ситуација во земјата, пишува Би-би-си.
Најголем трговски партнер на Иран е Кина, по која следат Ирак, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Турција и Индија.
Во меѓувреме, Реза Пахлави, син на последниот шах на Иран, кој живее во егзил во САД, го повика Трамп да интервенира „порано“ за да го ограничи бројот на смртни случаи меѓу демонстрантите.
Во интервју за Си-би-ес њуз, Пахлави рече дека актуелната иранска влада се обидува да го измами светот и да го натера да помисли дека е подготвена повторно да преговара“.
Тој го опиша Трамп како „човек кој мисли што кажува и го кажува тоа што го мисли, и кој „знае што е во прашање“.
„Мислам дека претседателот треба да донесе одлука прилично брзо“, рече Пахлави.
Според норвешката група за човекови права „Иран хјуман рајтс“ (IHRNGO), од почетокот на антивладините протести, во Иран се убиени најмалку 648 демонстранти, меѓу кои и девет лица под 18 години. Повикувајќи се на извори, дел од медиумите пишуваат оти е можно бројот на жртви да е поголем.
