Главниот обвинител на Иран рече дека секој што протестира ќе се смета за „непријател на Бога“ – прекршок што носи смртна казна
И покрај заострените мерки на безбедносните сили, антивладините демонстрации во Иран поради влошената економска состојба во земјата продолжија и влегоа во својот 15-ти ден.

Во изминатите две недели уапсени се повеќе од 2 500 луѓе, а повеќе од 100 лица се убиени. Според невладината организација „Иран хјуман рајтс“, бројот на загинати би можел да биде значително поголем со оглед на тоа што повеќедневниот прекин на интернетот во земјата го отежнува утврдувањето на точниот број убиени.
Протестите продолжија во текот на ноќта и рано утринава низ Техеран и во повеќе градови низ целата земја.
Главниот обвинител на Иран рече дека секој што протестира ќе се смета за „непријател на Бога“ – прекршок што носи смртна казна. Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ги нарече демонстрантите како група вандали кои сакаат да го задоволат американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп вчера порача дека САД се подготвени да помогнат во стемежот на Иранците за слобода и го предупреди Техеран дека Вашингтон ќе интервенира доколку бидат убиени демонстранти во тековните протести во Иран.
Претседателот на иранскиот парламент, пак, предупреди дека доколку САД нападнат, Техеран би можел да изврши превентивни напади врз Израел и американските воени бази во регионот.
