Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција во Собранието рече дека сега е моментот да се влезе во конструктивен дијалог за клучни прашања
Дали ќе учествува на лидерската средба во среда, опозициската Демократска унија за интеграција најави дека ќе одлучи утре, на редовната седница на Генералниот совет
Опозициската Левица потврди дека ќе присуствува на лидерската средба иницирана од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а која, според најавите, ќе се одржи в среда во Клубот на пратениците.

Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција во Собранието рече дека како партија една и пол година се обидувале да влезат во комуникација со владиното мнозинство преку предлагање закони и барање консензус за клучни државни прашања.
„Сметаме дека сега е време да влеземе во конструктивен дијалог за да можеме да го обремениме овој процес со позитивни насоки затоа што за нас најважно е да се создаде демократска атмосфера за време на избори и нашите барања ќе бидат во таа насока“,
изјави Мециновиќ на денешната прес-конференција во Собранието.
Една од темите во фокус на претстојната лидерска средба ќе биде укинување на техничката влада која се избира на 100 дена пред парламентарни избори. Левица најави дека прифаќа укинување на техничката влада, но смета дека тоа ќе биде прифатливо само доколку се воведе една изборна единица и се обезбеди еднаков пристап до медиумско претставување за сите политички субјекти во предизборието.
Дали ќе учествува на лидерската средба во среда, опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) најави дека ќе одлучи утре, на редовната седница на Генералниот совет на партијата. Во пресрет на оваа, ДУИ денеска одржа седница на Претседателството на Генералниот совет, свикана од лидерот Али Ахмети, на која се дискутирало за актуелните политички случувања и за прашања поврзани со внатрепартиското организирање.
Поканата за учество на лидерска средба претходно изрeчно ја одби опозицискиот СДСМ.
Партискиот лидер Венко Филипче му порача на Мицкоски дека нема намера да седи на иста маса со криминалци, додавајќи дека е против укинување на техничката влада за која рече дека е гаранција за одржување чесни и фер избори. Во однос реформската агенда, која ќе биде една од темите на разговор на лидерската средба, Филипче рече дека дискусијата ќе се води во парламентот каде што СДСМ ќе ги поддржи сите реформски закони.
