Измените на Законот за прекршоци, со кои, меѓу другото, треба да се дозволи електронско испраќање на записниците за сторен сообраќаен прекршок, се заглавени во собраниска процедура, а за нивно усвојување потребно е двотретинско и бадентерово мнозинство
Владејачкото мнозинство засега ја нема поддршката од ДУИ чии гласови се неопходни за да се обезбеди бадентерово мнозинство
Неизвесно е дали системот „Безбеден град“, кој треба да ги регистрира сообраќајни прекршоци, ќе профункционира од 1 февруари, како што претходно најави Министерството за внатрешни работи.

Измените на Законот за прекршоци, со кои, меѓу другото, треба да се дозволи електронско испраќање на записниците за сторен сообраќаен прекршок, се заглавени во собраниска процедура, а за нивно усвојување потребно е двотретинско и бадентерово мнозинство.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за Сител потврдил дека доколку не се обезбеди потребното мнозинство во Собранието, системот нема да се воведе, без да појасни дали имаат алтернативно решение.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите потврди дека меѓу политичките партии сè уште нема договор за усвојување на измените од Законот за прекршоци.
„Кога ќе се постигне договор, законските измени веднаш ќе бидат ставени на собраниска седница за да се изгласаат. Досега на координациите на пратеничките групи немаше забелешки во врска со текстот на измените. Тоа што овој закон не е поддржан е прашање на договор меѓу пратеничките групи“,
изјави собранискиот спикер на денешниот брифинг со новинарите.
Владејачкото мнозинство засега ја нема поддршката од ДУИ чии гласови се неопходни за да се обезбеди бадентерово мнозинство. Пратеничката група на СДСМ, пак, сè уште не донела одлука дали ќе ги поддржи законските измени бидејќи и натаму го гради својот став за тоа како ќе настапи во Собранието.
