„Имав многу кандидати пред себе, имав многу биографии, меѓутоа се обидов не само да се водам од професионалноста и компетентноста, туку ако сакате и од јавноста, оти реформските процеси можат да ги водат само препознатливи личности во определена област. Јас верувам дека двете кандидатки не ги предложив заради тоа што се жени, туку пред сè заради нивната стручност и компетентност“, рече претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, образложувајќи ги своите предлози за кандидати за членови на Судскиот совет од собраниската говорница
Образложувајќи зошто се определила за адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, претседателката рече оти знае дека има пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и од други партии кои имаат забелешки за ваквиот избор, притоа порачувајќи дека „големината на еден политички субјект е да се апстрахира од релацијата и да цени низ призмата на стручноста, компетентноста и независноста зашто само такви личности можат да обединуваат“
Универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска се нови членки на Судскиот совет, откако денеска попладне со апсолутно мнозинство гласови беа избрани во Собранието.

И двете кандидатки беа избрани во рамките на денешната 80. седница на Собранието. Професорката Кадри-Шахиновиќ ја доби поддршката на 63 пратеници, кои гласаа „за“, додека 15 се изјаснија „против“, а еден беше воздржан.
За Сузана Јошевска-Анастасовска „за“ гласаа 72 пратеника, осум беа „против“, а еден се изјасни како „воздржан“.
Тие за функциите во телото што ја оценува работата на судовите и избира, оценува и разрешува судии и претседатели на судови, се избрани на предлог на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
Претседателката на државата денеска беше во Собранието да ја образложи својата одлука, односно причините поради кои се одлучила да да ги кандидира Кадри-Шахиновиќ и Јошевска-Анастасовска за членки на Судскиот совет.
Ваквиот нејзин потег лично да се појави во Собранието и да се обрати во врска со предлозите го поздрави претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој кажа дека тоа го очекува од сите функционери кои предлагаат закони или личности за функции.
Сиљановска-Давкова, пак, рече дека тоа го прави во духот на новиот Закон за Судски совет.
„Решив директно да ви се обратам во духот на одредбите од новиот Закон за Судски совет, којшто меѓу останатото предвидува транспарентна постапка и се разбира оној кој предлага треба да го брани предложеното“,
кажа таа.
Претседателката за двете кандидатки говореше одвоено, како што беа наведени точките на дневниот ред на Собранието во рамките на кои се одвиваше изборот. Сепак, Сиљановска-Давкова за двете кандидатки, сега и формално членки на Судскиот совет, говореше и во генерални рамки зошто се одлучила токму за нив, наведувајќи притоа дека тоа го направила поради стручноста, компетентноста, но и етичката димензија што ја препознала кај нив од нивниот волонтерски и хуманитарен ангажман.
„Се разбира секому можете да му најдете забелешка, особено ако работите се анализираат политички, а мора да се анализираат политички, меѓутоа јас се обидов да мерам. Имав многу кандидати пред себе, имав многу биографии, но се обидов не само да се водам од професионалноста и компетентноста, туку ако сакате и од јавноста, оти реформски процеси можат да водат само препознатливи личности во определена област. Јас верувам дека двете кандидатки не ги предложив заради тоа што се жени, туку пред сè заради нивната стручност и компетентност“,
рече Сиљановска-Давкова.
Говорејќи за проф. д-р Арлинда Кадри-Шахиновиќ, претседателката на државата, меѓу другото, рече дека од мотивациското писмо може јасно да се види нејзината цврста решеност да придонесе во заштитата и унапредувањето на судската независност.
„А во хуманитарните цели можеме да ја идентификуваме етичката димензија, а според мене без етика нема праведно судство, и покрај стручноста и компетентноста. Значи верувам во нејзината подготвеност за одговорно, совесно и непристрасно извршување на функцијата член на Судскиот совет“,
рече претседателката на државата.
Таа посочи дека станува збор за кандидат кој се избира според условот да е претставник на помалку застапените заедници, но, како што додаде, ниту нејзе ниту на Кадри-Шахиновиќ не им било одлучувачко или најважно.
Во однос на Судскиот совет, таа кажа дека тој треба да биде „рендгенот“ и „микроскопот“, односно местото каде што ќе седат луѓе кои можат да оценуваат врз основа на квалификација, интегритет и дигнитет.
„Реформите во судството почнуваат, според мене, со Судскиот совет бидејќи всушност таму се одлучува за прашањата што веќе ги споменав. Ако во Судскиот совет регрутираме луѓе посветени на правото, луѓе стручни и компетентни во областа на правото, мислам дека тоа ќе значи промовирање исти критериуми и при изборот на судиите, одговорноста на судиите и се разбира очекувам нешто што додека бев пратеничка, не го видов овде. Да добиваме извештаи од Судскиот совет коишто ќе бидат аргументирани, во кои не само што ќе се детектираат проблемите, туку и начините за нивно надминување“,
рече Сиљановска-Давкова.

Образложувајќи зошто се определила за адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, претседателката рече оти знае дека има пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и од други партии кои имаат забелешки за ваквиот избор, притоа порачувајќи дека „големината на еден политички субјект е да се апстрахира од релацијата и да цени низ призмата на стручноста, компетентноста и независноста зашто само такви личности можат да обединуваат“.
„Точно е дека Јошевска-Анастасовска ми била студент, и тоа извонредна студентка. Ја паметам. Ама точно е и дека Антонијо Милошоски ми бил извонреден студент којшто се памети, има многу други тука. И никогаш за нив нема да зборувам лошо без разлика на партиската и политичката припадност. Напротив, тоа не личи на професор“,
кажа претседателката на државата.
Таа рече дека за кандидатката Јошевска-Анастасовска се определила од многу причини. Прво, затоа што била одличен студент, и второ, затоа што е успешна адвокатка со над 20-годишно искуство.
„Понатаму, факт е дека се работи за личност со биографија. Ако го погледнете нејзиното членување во организации од правнички тип, од адвокатски тип, ќе видите дека секаде била присутна и се почитувало нејзиното мислење. Ако ги гледате нејзините студиски усовршувања, ќе видите дека и надвор била препознаена како добар правник и соодветно вреднувана. Истото ќе го видите во нејзините трудови. Етичката димензија ќе ја препознаете во волонтерството, а се разбира бројните сертификати од реномирани правнички асоцијации зборуваат за нејзината исклучителност“,
рече Сиљановска-Давкова.
Во однос на забелешките дека била надворешен советник на поранешното Специјално јавно обвинителство, Сиљановска-Давкова рече дека тоа не треба да се меша во конкретниот случај.
„И ќе кажам – животот е маратон. Работата е маратон, маратоните се секогаш со пречки, особено, за жал, нашиот маратон, и нејзиното хоби – маратонското трчање ја прави посебна. Може да не се согласуваме секогаш со нејзините ставови, но никогаш не биле ад хоминем и секогаш биле во границите на аргументите важни за правната професија. Мислев и сè уште мислам дека станува збор за личност што може да обедини. Пратениците може да ги обеднини само личност што е стручна и компетентна, а тоа што била критички настроена сигурно не значи критика заради партискиот ентитет или идентитет, туку со аргументи во рамките на амбиентот во којшто се случувале настаните“,
рече претседателката.

Инаку, изборот на двете нови членки на Судскиот совет помина речиси без дискусија. За збор се јави само координаторката на пратеничката група на опозицискиот „Европски фронт“, предводен од ДУИ – Рина Ајдари, која по паузата што ја побара за координација со пратеничката група, рече дека ќе гласаат против предлозите на претседателката Сиљановска-Давкова.
Како причина го наведе тоа што ставовите и дејствијата на Сиљановска-Давкова секогаш биле на линија со партијата ВМРО-ДПМНЕ, додека во однос на Кадри-Шахиновиќ кажа дека нивната забелешка се однесува на тоа што таа била дел од комисијата за помилување на претседателката, чии членови си поднесоа оставки поради контрадикторните одлуки. Ајдари рече дека не се согласуваат и со тоа против едни членови на Судскиот совет да се покренуваат интерпелации, за на нивно место да се постават други, по партиски преференции.
„Не е точно дека јас сум слушала и сум го извршувала само она што партијата што ме предложила за кандидат за претседателка е најважно. Не е точно. Впрочем, тој чекор на една партија покажува способност за почитување стручност, компетентност и го прави политичкиот субјект голем, бидејќи толерира и разлики“,
рече Сиљановска-Давкова додека го образложуваше изборот на Јошевска-Анастасовска за кандидат за членка на Судскиот совет.
