Прашан дали веќе е започната внатрепартиска битка за иден лидер со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ во 2029 г. треба да добие нов претседател, министерот Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“ вели – наредните години ќе бидат многу продуктивни бидејќи нема да има притисоци за функции и позиции

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, зборува за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ по конгресот одржан во Кавадарци, за идните кадровски решенија во партијата и Владата, ситуацијата со ВЛЕН во владината коалиција, како и за личните амбиции.
По реизборот на Христијан Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, прашањето е кои ќе бидат неговите соработници во потесното раководство на партијата. Според Андоновски, јавноста треба да се фокусира на политичкото позиционирање, а не само на имињата.
„Имам доверба дека многу темелно ги анализира процесите коишто се случуваат во партијата, по екстензија и во Владата и според неговите замисли ќе ја донесе одлуката во кој правец ќе се движиме наредните четири години во смисла на кадровски планирања. Знам дека секогаш најинтересно за јавноста е кој на кое место ќе биде како лик или како персона, но за мене многу позначајно беше како се позиционираме политички“,
вели Андоновски.
Прашан дали веќе е започната внатрепартиска битка со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ во 2029 г. треба да добие нов лидер, Андоновски вели – наредните години ќе бидат многу продуктивни.
„Не би рекол дека има некаква битка, амбициите се природна работа на сите коишто се занимаваат со политика“,
вели тој, додавајќи дека очекува „зголемена динамика на работата и на Владата и на партијата, затоа што е време на покажување резултати“.
Во однос на евентуална реконструкција на Владата, Андоновски оцени дека кабинетот е стабилен.
„Можност за промени постои, но во моментот нема таква најава затоа што навистина е стабилна владата“,
рече министерот за дигитална трансформација.
Паралелно, министерот говореше и за статусот на коалицијата ВЛЕН. Тој рече дека во институциите постои функционалност и редовна комуникација.
„Можам да кажам, како владини ресори, ние имаме одлична комуникација со кој било од соодветните ресори“,
изјави тој, оценувајќи дека по локалните избори постои простор за консолидација на ВЛЕН во една политичка структура.

Андоновски рече дека неговите главни цели се поврзани со резултати, а не со функции.
„Мојата обврска е да испорачувам резултати и да докажам и пред себе и пред општеството… дека ние политичарите не сме само луѓе коишто зборуваат, туку реализираат“,
рече тој и додаде дека останува релаксиран од партиски функции.
Во последниот сегмент од интервјуто, министерот беше прашан и за неговиот напредок во подготовката на докторатот на Правниот факултет при УКИМ.
Рече дека го запоставил академскиот дел привремено поради министерските обврски.
„Морам да ви кажам дека тука сум послаб“,
изјави Андоновски, појаснувајќи дека ги има исполнето поголемиот дел од обврските но дека докторатот сè уште го подготвува.
Притоа објасни дека студиите ги поврзува со ресорот и новите технологии, наведувајќи дека работел на труд поврзан со правото и информатичката технологија или правото и вештачката интелигенција.
Прашан дали е коректно да се подготвува академски труд додека се извршува функцијата, како што е примерот со двајца други министри, Андоновски одговори:
„Има еден предизвик тука, навистина ги гледате работите суштински одвнатре како се случуваат, па можеби најдобро можете да анализирате од пракса“.
На забелешката дали е, сепак, најдобро да работи на докторската откако ќе замине од функција, министерот вели:
„Се согласувам, но ако сте почнале, па и добро е да го завршите процесот“.
