Согласно Изборниот законик, на повторените избори не е потребна излезеност од една третина на гласачите
Гласањето за повторените избори во четирите општини: Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа започна во 7 часот утринава и се одвива непречено и без проблеми, велат од ДИК.
Денеска се спроведува гласањето на болните или немоќните лица, како и на лицата што издржуваат казна затвор или притвор.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и две лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа“,
соопшти Државната изборна комисија.
Со почеток во 7 часот во седум казнено-поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор.
Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.
Согласно Изборниот законик, на повторените избори не е потребна излезеност од една третина на гласачите, туку за да се избере градоначалник треба за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половина од излезените избирачи, вклучувајќи ја и Центар Жупа, каде што има само еден кандидат.
