Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека набавката на полициските возила чини 202 милиони денари, што е 30-ина милиони помалку од планираните 232 милиони денари за оваа намена. Поединечната цена на возилата, како што рече, е пониска од комерцијалната вредност на едно возило
Во кругот на Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска беа промовирани новите 120 возила „пежо 408“ наменети за полициските службеници. Возилата, како што рече министерот Панче Тошковски, ги имаат сите современи технолошки карактеристики за да одговорат на сите предизвици како секоја друга полиција во светот.

„Возилата се со најсовремени ТЕТРА-системи со потребни информации за полициските службеници на самото место да ги извршат сите потребни проверки на евиденција, сите анализи на податоци кои ги имаме во МВР, анализи на прекршочни евиденции и сето останато кое е потребно за истите да бидат ефикасни во рамки на своето работење и да одговорат на сите предизвици со опрема, информации и технологија, каква има секоја европска држава“,
изјави Тошковски.

Министерот информира дека набавката на полициските возила чини 202 милиони денари, што е 30-ина милиони помалку од планираните 232 милиони денари. Поединечната цена на возилата, како што рече Тошковски, е пониска од комерцијалната вредност на едно возило.
„Гледавме возилата рамномерно да ги распределиме на цела територија на државата и секој сектор за внатрешни работи отприлика да добие по околу десет возила. Секако, СВР Скопје ќе добие поголем број возила. Во целост ќе ги замениме возилата што се користат од оние организациски единици кои се секојдневно се на терен и прават далеку поголема километража од останатите како мобилната единица и ескордното одделение. Секоја полициска станица во Македонија ќе добие најмалку едно возило за користење“,
изјави Тошковски.

Во рамки на договорот за набавката на возилата, како што рече министерот за внатрешни работи, обезбеден е и целосно бесплатен редовен сервис на возилата што, како што рече, значително ќе ги намали трошоците за сервисирање кои редовно ги презема МВР.
На промоцијата на новите полициски возила во кругот на МВР присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски кој му честита на министерот за успешно реализираниот проект со кој, како што рече, се подобрува мобилноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи.
„Ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да поддржуваме ваков тип на проекти, затоа што цениме дека безбедноста и расчистувањето на криминалот и корупцијата во државата се наш врвен приоритет како Влада, а МВР е нераскинлива алка во тој процес. Посакувам. условно кажано, возилата што помалку да се користат, тоа значи дека ќе има што помалку криминал и криминалци“,
рече Мицкоски.
