Лидерот на СДСМ додаде оти смета дека секој против кого има сомнеж или обвинение треба да се врати во земјава и да се соочи со институциите
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, вели дека не знае каде е и нема никаков контакт со поранешниот директор на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница откако беше осомничен, а потоа и обвинет во случајот „Адитив“.

Инаку, ексдиректорот на ЕСМ, Ковачевски по подолго време вчера беше споменат на седницата за пратенички прашања во Собранието. Без да го наведе со име и презиме, но јасно наведувајќи ја неговата функција, него го прозва премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето на пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, во врска со поскапувањето на струјата и кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија.
На обвинувањата на Филипче дека актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за година и пол не направила ништо за да го зајакне енергетскиот сектор поради што државата е доведена во ситуација да прогласи вонредна состојба, Мицкоски кажа дека 50 луѓе кои го уништувале тоа што тој го оставил додека бил директор на ЕЛЕМ, сега се или под истрага или против нив се водат судски процеси.
„А поранешниот директор, висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство. Ако е невин, ако е чесен, ќе дојде тука и ќе се соочи со органите и ќе каже зошто е тоа така. Дали кога говорите за енергетските капацитети мислите и на компании кои во минатото добиваа ексклузивно право да увезуваат јаглен и за тоа одредени јавни личности и политичари беа наградувани со скапи џипови кои ги возеа со полномошно на такви фирми и се префрлаа средства во соседството“,
рече Мицкоски вчера од собраниската говорница.
Одговарајќи на директно прашања дали има некаков контакт со ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, лидерот на СДСМ рече дека ниту има контакт ниту знае каде е.
Лидерот на СДСМ додаде оти смета дека секој против кого има сомнеж или обвинение треба да се врати во земјава и да се соочи со институциите
Надоврзувајќи се во одговорот на прашањето, претседателот на СДСМ во таа насока, условно кажано, му порача на премиерот, Христијан Мицкоски, да го повика неговиот претходник на лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ и експремиер, Никола Груевски да се врати во земјава.
„Еве, Мицкоски нека го повика Никола Груевски да се врати и да даде пример за сите останати функционери“,
рече Филипче.

За потсетување, ескдиректорот на АД ЕСМ е прв меѓу вкупно триесетината физички и пет правни лица обвинети во случајот „Адитив“ за криминал во државната компанија за производство и набавка на струја, тежок 6,5 милиони евра.
Покрај Васко Ковачевски, во предметот се опфатени и неговиот наследник на функцијата, Васко Стефанов, поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, како и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
Истрагата за случајот беше отворена на крајот на минатата година, но Ковачевски до ден денешен остана недостапен за органите на прогонот и покрај распишаната меѓународна потерница.
Судскиот процес за „Адитив“ почна на 29 мај годинава. Сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина, а во врска со Васко Ковачевски судот донесе одлука нему да му се суди во отсуство.
Што се однесува до експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, тој избега во Унгарија во ноември 2018 година, кога требаше да почне да ја издржува правосилната двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“. Во Унгарија тој доби политички азил, а властите во Будимпешта досега ги одбија барањата на земјава за негова екстрадиција.
Инаку, на седницата за пратенички прашања минатиот месец (27 ноември) од СДСМ излегоа со наводи дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија.
На прашањето на пратеникот на СДСМ, Миле Талески, министерот за правда, Игор Филков, кој е од редовите на ЗНАМ, побара од него да не ја замајува јавноста со „шарлатански пристап“.
На директното прашање за екстрадиција, Филков избегна одговор со „да“ или „не“ велејќи оти министерството „си ги бара сите бегалци“, но дека опозицијата „говори за политички азиланти“.
Една година во бегство е поранешниот прв вицепремиер и поранешен висок функционер на ДУИ, Артан Групи, кој е еден од осомничените во случајот „Лотарија“ за проневера на над осум милиони евра. Една година претходно тој се најде на т.н. црна листа на САД, поради вмешаност во значителна корупција. Во случајот осомничен е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој исто така е во бегство и се бара со меѓународна потерница.
