Како што информира Петрова, досега УЈП има упатено околу 10 000 покани до граѓани кои треба да го пријават доходот остварен во странство и по тие покани околу 1 200 лица доброволно поднеле пресметки, а околу 1 300 се задолжени со даночни решенија

Сите даночни резиденти во својата држава треба да го пријават и оданочат целокупниот свој доход остварен во други земји. Воопшто што не се работи за ретроактивно оданочување, ниту за покривање состојби како немање пари во буџетот, туку за обезбедување фер и правично оданочување, изјави денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова.
„Не се работи ниту за некоја нова законска одредба која сакаме да ја примениме ретроактивно, туку за законска одредба што постоела отсекогаш, откако е донесен Законот за данокот на личен доход и претходно била регулирана и со Законот за персонален данок на доход. Нашите, македонски даночни резиденти тука треба да го пријават и оданочат целокупниот свој доход остварен во земјата и во странство“,
истакна Петрова.
Според неа, станува збор за универзален принцип што се применува во секоја даночна јурисдикција.
Како што информира Петрова, досега УЈП има упатено околу 10 000 покани до граѓани кои треба да го пријават доходот остварен во странство и по тие покани околу 1 200 лица доброволно поднеле пресметки, а околу 1 300 се задолжени со даночни решенија.
„Процесот на оданочување е се уште во тек. За овие 2 500 лица пресметаниот данок изнесува скоро еден милион евра, но тие се една четвртина од тие што досега сме ги повикале да го пријават и оданочат својот доход“,
потенцира Петрова.
Како што посочи таа, заклучно со 30 ноември годинава, во државниот буџет по основ на даноци и придонеси се собрани 3,97 милијарди евра што е повеќе за 268 милиони евра во однос на истиот период лани. Има пораст на приходите од даноци за 6,5 отсто и пораст кај придонесите за 8,7 проценти во однос на истиот период минатата година.
„Трендови на пораст во однос на лани има и во декември, но уште течат приливите и исплатите од уплатните сметки за даноци. Денеска ги сумираме податоците од вчерашниот ден, даночниот ден за ДДВ и по истекот на месецот ќе ги имаме конечните податоци за цела година“,
истакна директорката на УЈП на прес-конференција во Владата.
