Според Нацев, Обвинителството се обидува да ја префрли на „Рубикон“ одговорноста што ја имале државните институции за вршење контроли

Девет месеци молчев и бев жртва на медиумски и јавен линч спроведен преку различни квазиексперти и безбедносни аналфабети, рече сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубинкон секјурити солушнс“, Александар Нацев, наведувајќи дека нема никаква вина во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Нацев, во дополнувањето на воведните зборови на неговиот бранител, рече дека со неверување гледал како со леснотија била нарушувана презумцијата на невиност кон него, посочувајќи дека во целиот тој период бил цел на политизирани и неосновани клевети.
Тој кажа дека сите обвинети во судницата се исправени пред брутално силување на законот за приватно обезбедување со цел одредени негови одредби да послужат како поткрепа на случајот што го презентира Обвинителството.
Според Нацев, Обвинителството се обидува да ја префрли на „Рубикон“ одговорноста што ја имале државните институции за вршење контроли.
„Можам да констатирам дека и еден Џорџ Орвел може да позавиди на ваквата конструкција“,
кажа тој.
Токму затоа, како што наведе, во текот на судскиот процес неговата одбрана ќе ги неутрализира ваквите конструкции преку непобитни докази и околности, што, според него, ќе докажат дека отсуство на каква било вина и негова каузална поврзаност со трагичниот настан.
На крајот од своето излагање Нацев кажа дека во времето на избувнувањето на пожарот не бил ниту во државата.
Неговиот бранител, адвокатот Дејан Стојчев, претходно во воведниот говор ги отфрли наводите во обвинението дека Нацев е вистински и реален сопственик на „Рубикон секјурити солушнс“. Наведе и дека немало никаков правен договор помеѓу „Рубикон“ и „Пулс“ за обезбедување на т.н. кабаре од страна на агенцијата.
Она што е спорно за одбраната е дека Александар Нацев бил сопственик на „Рубикон“.
„Нацев не дејствувал како реален сопственик во ’Рубикон’. Фактите укажуваат дека припадниците на обезбедувањето не биле задолжени да вршат контрола на бројот на гости, да вршат проверка на безбедносната опрема, проверка на исправноста на влезови и излези и да достави план за безбедност“,
рече Стојчев.
Повикувајќи се на законот за приватно обезбедување, тој рече дека агенцијата треба да достави план за обезбедување ако е ангажирана со пет или повеќе обезбедувачи. Критичната вечер од „Рубикон“ во „Пулс“ имало тројца нивни припадници кои кога настанал пожарот ги ризикувале своите животи за да спасат што повеќе луѓе. Тој наведе оти и под прашање е дали настапот на групата ДНК може да се смета за јавен настан. Неспорно е дека настапи на музичари имало секоја вечер и затоа за одбраната останува нејасно кои правни прописи биле повредени.
Во слична насока беа и воведните зборови на правните застапници на фирмите „ММММ кафе“ ДООЕЛ и „Рубикон секјурити солушнс“. Тие, исто така, посочија дека немало договор за соработка меѓу агенцијата и подружницата „Пулс“, како и дека обвинителниот акт е полн со недоследности и непрецизни наводи.
„Доказите на Обвинителството се без доказна вредност“,
кажа правниот застапник на „Рубикон“, Стефан Котевски.
Претходно, воведни зборови даде застапникот на третообвинетата фирма „Венци“ ДООЕЛ Кочани, од каде што, исто, отфрлија каква било вина и поврзаност со нивниот проект за паркингот на т.н. кабаре и трагичниот настан.
Ова беа последните воведни на одбраната на обвинетите, со што заврши оваа фаза од главната расправа.
Денешното рочиште треба да продолжи со исказ на првиот сведок на Обвинителството.
