Имаат ли основа стравувањата дека по убедливата победа на парламентарните избори во Бугарија, Румен Радев би можел да стане новиот Виктор Орбан во ЕУ? Новинарката на „Офњуз“, Ружа Рајчева, смета дека нема да биде така. „Румен Радев категорично се поставува како проевропеец, се позиционираше како таков за време на предизборната кампања, без разлика на тоа што се зборува и како неговите опоненти се обидуваат да ја претстават ситуацијата“, вели Рајчева во интервју за „360 степени“
Во однос на релациите Скопје-Софија, Рајчева не гледа простор за промена на политиката на Бугарија и вели дека на потег е владата во Скопје
360°: Г. Рајчева, победникот на изборите, Румен Радев, има мнозинство за самостојно да формира влада. Какви се најавите и проценките – дали сам ќе прави влада или ќе се обиде да формира т.н. уставно мнозинство кое ќе му овозможи промена Високиот судски совет?
Ружа Рајчева: Мислам дека победата на Румен Радев е толку голема што му обезбедува комоција да владее апсолутно самостојно, без никаков проблем. Ќе состави влада од свои луѓе, но вие сте во право, мислам дека ќе бара мнозинство за уставно мнозинство за промени во Високиот судски совет и соодветна замена на јавниот обвинител, што ќе мора да се случи заедно, најверојатно со Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија, со кои тој има сложени односи и тоа нема да биде лесна задача, но сепак, генерално, неговото управување е олеснето поради овие најверојатни 130 мандати што ги добива.

360°: Дали оставката на Борислав Сарафов од позицијата главен обвинител е втората победа на Радев по онаа на изборите?
Ружа Рајчева: Тоа не е негова победа, но тој навистина ја добива. Ова е победа на насобраното незадоволство против вршителот на должноста јавен обвинител, Борислав Сарафов. Ова е победа на протестот од декември 2025 година, победа која секој сака да си ја припише. Навистина, на Румен Радев му припадна честа да го смени Сарафов од функцијата, бидејќи очигледно јавниот обвинител го почувствува прередувањето во системот што се случува, па новиот ветер покажува дека е подостоинствено самиот да си обезбеди место во системот, наместо да чека да биде сменет срамно, како што ќе се случеше многу скоро.
360°: Кои се најжешките внатрешнополитички прашања на кои според гласачите треба да се фокусира новата влада? Дали се тоа растот на цените, пред сè на храната и инфлацијата?
Ружа Рајчева: Цените секако се темата што во моментов најмногу ги загрижува бугарските гласачи и постои целосно чувство на галопирачка инфлација, на шпекулации со цените на пазарот и на неможност на луѓето да ги покријат своите основни трошоци. Така што, ова е навистина првата тема со која треба да се позанимаваат Румен Радев и неговата влада, и пред сè да направат регулаторите, институциите кои работат на контрола на пазарот и продавниците да не шпекулираат со цените, навистина да работат, бидејќи во моментов тие навистина не работат. Но, исто така, темата со корупцијата не смее да остане во заден план. Радев зборуваше за тоа многупати, беше обвинуван дека не кажува специфични имиња, но ќе видиме што ќе направи. Најверојатно има потреба да се формира антикорупциска комисија, бидејќи претходната беше затворена откако се претвори во „палка“ против опонентите на одредени политичари, поконкретно на Делјан Пеевски.

360°: Во Брисел има, ако не стравување, тогаш внимателност во однос на тоа кој надворешнополитички курс ќе го заземе новата влада во однос на ЕУ и во однос на руската агресија на Украина. Некои во Радев го гледаат новиот Виктор Орбан. Според Вас, како ќе се постави тој?
Ружа Рајчева: Мислам дека Румен Радев категорично се поставува како проевропеец, се позиционираше како таков за време на предизборната кампања, без разлика на тоа што се зборува и како неговите опоненти се обидуваат да ја претстават ситуацијата. Тој ја потенцира припадноста на Бугарија во сите сојузи, зборуваше за продлабочување на нашите партнерства. Така што, јас не гледам никаква опција тој да биде новиот Виктор Орбан, особено по поразот на Виктор Орбан, каде што се виде дека националистичката реторика на крајот можеби и не носи толку придобивки како досега, бидејќи тој изгуби. Така што, мислам дека и во таа смисла, тензијата генерално меѓу политичките елити во Западен Балкан – што можеби ја вклучува и Северна Македонија, ќе се намали по поразот на Орбан, кој беше доста убедлив и за некои неочекуван. Затоа, не гледам потенцијал Радев да сака да стане новиот Орбан. Навистина, и кога тој го постави прашањето за референдумот во Бугарија, кога побара да има таков референдум, прашањето не беше дали да го прифатиме еврото или не, туку кога. Тоа е многу важно. Така што, според мене, Румен Радев не е никаков нов Орбан.
360°: Иако првите анализи во Северна Македонија се дека ако досега немаше дијалог на релација Скопје – Софија, тогаш со Радев на власт ќе има уште помалку, дали сепак стабилното мнозинство отвора простор за некакви мали гестови на добра волја од Софија – не и промена на Преговарачката рамка за Северна Македонија – кои би ѝ олесниле на власта во Скопје да ги донесе уставните измени?
Ружа Рајчева: Јас се чудам што во Скопје постојат очекувања дека Румен Радев на некој начин ќе ја промени политиката на Бугарија кон Македонија, бидејќи во последните години постои доста јасен консензус меѓу општеството и политичката елита во однос на Северна Македонија. Така што, повеќе мислам дека иницијативата е во полето на вашата влада. Исто така, мислам дека на општествено ниво во Бугарија нема некаква омраза кон Македонците, ниту, пак, политичарите можат да добијат нешто од ширење таква омраза, па затоа не гледам дека имало такви најави. Повеќе сметам дека е важно да има гестови на добра волја од двете страни и да се работи на заемно почитување. Јас лично, како новинарка од Бугарија, можам да кажам дека немам апсолутно никакви предрасуди кон моите македонски колеги и сметам дека имаме многу заеднички теми кои се надвор од историјата, а кои нè поврзуваат, како што се токму проблемите со корупцијата и судскиот систем. Имаме слични проблеми.
