„Со оглед дека сме присутни шест члена на Советот констатирам дека го немаме потребниот кворум за одржување на седницата. Тоа значи дека оваа седница ќе биде одложена“, рече претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, додавајќи дека дополнително ќе биде утврден датум кога седницата ќе биде одржана
Она што го привлекува фокусот на јавноста за седницата е пресудата на Управниот суд донесена на 15 мај годинава, а со која беше поништена одлуката на Собранието од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд

Судскиот совет ја одложи денешната седница на која требаше да се расправа по седум точки од дневниот меѓу кои и за пресудата на Управниот суд со која судијката Елизабета Дуковска станата првата „одјавена“ уставна судијка.
Причина за одложувањето на седницата беше немањето кворум.
Имено, во салата за состаноци денеска во 10 часот беа присутни само шест членови на Советот – претсадателот Александар Камбовски и неговите колеги Аритон Ала, Ивица Николовски, Данка Ристова, Ханиф Зендели и Џенета Бектовиќ.
Отсутни беа членовите, Исамедин Лимани, Тања Чачарова-Илиевска, Весна Дамева, Павлина Црвенковска и Антоанета Димовска, кои, како што кажа Камбовски, дел користат годишен одмор, а дел биле на боледување.
На седницата на Советот, кој и онака работи без двајца од вкупно 13 членови, на кои им заврши мандатот, не беа присутни ниту претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои се членови по функција и можат да учествуваат во расправите со свои сугестии и мислења, но немаат право на одлучување, односно да гласаат при носењето одлуки.
„Со оглед дека сме присутни шест члена на Советот, констатирам дека го немаме потребниот кворум за одржување на седницата. Тоа значи дека оваа седница ќе биде одложена“,
кажа Камбовски.
Датумот кога таа ќе се одржи претседателот на телото задолжено за оценување, избор и разрешување на судии рече дека ќе биде одреден дополнително.
Во таа насока, Камбовски додаде, дека членовите ќе се координираат меѓусебе за да бидат присутни сите и да има кворум.
Инаку, на 534. Седница членовите на Судскиот совет треба да расправаат и за престанок на судиска функција поради исполнување услови за старосна пензија, потоа по претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите. На дневен ред на оваа седница е и пресудата на Управниот суд У-5 бр.380/2025, а шеста точка е „расправа по известувања за утврдена фактичка состојба и одлучување по нив“.
Она што го привлекува фокусот на јавноста за седницата е пресудата на Управниот суд донесена на 15 мај годинава, а со која беше поништена одлуката на Собранието од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд.
Подетално, Дуковска беше избрана за уставна судијка од Собранието, како предлог на Судскиот совет. Шест месеци подоцна стигна тужба до Управниот суд од судијката Антоанета Димовска. Таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврди Дуковска како предлог за уставен судија, инаку со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца кандидати, меѓу кои и Димовска.
Дуковска повеќе од половина година, не е уставна судијка, туку е делителка на правда во Апелацискиот суд Скопје од каде дојде.
Нејзиниот случај сè уште ја бранува јавноста, делумно и поради сомнежот дека пресудата е пишувана „од надвор“.
Во гостување во емисијата „360 степени“, на 9 јуни годинава, Дуковска даде објаснување и зошто се сомнева дека пресудата е пишувана во АКМИС-системот.
„Во АМКИС-системот пресуда кога се куца… Најгоре на образецот, бидејќи е пресуда секогаш стои во името на граѓаните на Северна Македонија. Во оваа пресуда не содржи такво нешто, заради што судиите веднаш донеле решение за исправка“,
кажа тогаш Дуковска.

Она што е спорно за судијката е тоа што пресудата на Управниот суд не се спори актот на Собранието, кое ја изгласа, туку го проблематизира начинот на кој Судскиот совет ја утврдил за кандидатка.
Тоа уште летоска отвори повеќе дилеми, на пример – како сега Судскиот совет ќе бира кандидат за испразнетото место во Уставен?
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во досегашните јавни настапи зборуваше дека е оптимист оти до крајот на годината ќе се реши прашањето со празното столче во Уставен, откако судијката Дуковска беше принудена да замине. Пракса е Судскиот совет да заседава во среда, а до крајот на годината сега останува уште една среда, која воедно е и последниот ден од оваа календарска година.
Ако може да се толкува денешната изјава на Камбовски дека датум за одржување на 534. Седница ќе се утврди дополнително, значи дека таа не мора да биде во среда, туку и некој друг ден. Но, до крајот на годината остануваат уште малку денови, а одржувањето на седницата зависи до кога отсутните членови се на одмор и на боледување.
Ова го отвора прашањето и дали евентуално седницата ќе се одржи до Нова година.
Во однос на барањето на судијката Дуковска за Судскиот совет да ја прогласи пресудата како неподобна за извршување и за тоа да го извести Управниот суд, Собранието и неа, Камбовски во изјава за „360 степени“ рече дека писменото барање ќе биде повторно разгледано на работен состанок, по што Судскиот совет ќе може да се произнесе.
Барањето случајот да се расчисти до крај се чини дека за Дуковска не е толку заради функцијата колку што е прашање на принцип.
На прашање на „360 степени“ во случај да се оди со повторување на постапката занеа, дали повторно би ја изоделе цела таа постапка или втората варијанта, доколку се распише нов јавен повик, дали би се кандидирале повторно, таа вели дека засега не може да каже.
„Фокусирана сум сега на друго, тоа е идно неизвесно нешто и не сум размислувала за тоа“,
вели Дуковска.
