Средствата за набавка на амбулантните возила, како што информира министерот за здравство Азир Алиу, ќе бидат обезбедени „со преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години“
Во однос на постапката за решавање на проблемот со паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, тој вели дека е донесена одлука земјиштето на паркинг-просторот да се запише во сопственост на државата, со што се отстранува административната пречка за потпишување договор со Јавното претпријатие „Градски паркинг – Скопје“
Владата на вчерашната седница донела одлука за издвојување средства за набавка на 100 нови амбулантни возила што ќе бидат распределени во јавните здравствени установи во државата, а на дневен ред била и постапката за решавање на проблемот со паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

За овие владини одлуки, преку објава на социјалните мрежи информира министерот за здравство Азир Алиу, а во врска со нив денеска се огласија и од коалицијата ВЛЕН, чиј кадар е ресорниот министер.
Амбулантните возила со медицинска опрема, според Алиу, ќе чинат 461 250 000 денари или околу 7,5 милиони евра, а средствата ќе бидат обезбедени „со преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години.
„Ова ќе значи побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, подобра покриеност во урбаните и во руралните средини“,
вели Алиу.
Во однос на постапката за решавање на проблемот со паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, министерот информира дека е донесена одлука земјиштето на паркинг-просторот да се запише во сопственост на државата. Со тоа, како што вели Алиу, се отстранува административната пречка за потпишување договор со Јавното претпријатие „Градски паркинг – Скопје“.
Со овој договор, додава тој, ќе се овозможи модернизација и значително зголемување на капацитетот за паркирање возила, но и воспоставување ред во кругот на Клинички.
За таа цел, предвидено е, вели министерот, да се воведе комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич за насочување на граѓаните.
„Целта што ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники“,
вели Алиу.
За потсетување, Владата лани на седница во август донесе одлука да се градат монтажни катни гаражи на Клиничкиот центар со јавно приватно партнерство, за што беше формирана и Комисија за спроведување на постапката.
На огласот кој беше распишан на 15 ноември 2024 се пријави само една фирма – „Ѓока констракшн“ од Албанија, но договор со неа не беше потпишан бидејќи постапката беше поништена од тогашниот министер за здравство Арбен Таравари.
Откако темата стана актуелна во јавност, премиерот Христијан Мицкоски во март годинава изјави дека за стопанисувањето со паркингот не е донесена конечна одлука на Влада и дека ако јавноста не сака, нема да биде потпишан договор со „Ѓока констракшн“ за катни гаражи на Клинички.
Инаку, со паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и сега стопанисува ЈП „Градски паркинг-Скопје“.

Актуелниот министер за здравство Азир Алиу, кој дојде на местото на Таравари, во јуни годинава изјави дека решавањето на проблемот со паркирањето на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е еден од неговите приоритети, но оти мора да се биде претпазлив со цел да не се инвестира во нешто што можеби во иднина нема да биде во функција на Клиничкиот центар.
Од коалицијата ВЛЕН денеска преку писмено соопштение изразија задоволство за донесените одлуки на вчерашната владина седница, кои ги оценија како директен удар врз хаосот и долгогодишната небрежност во јавното здравство.
