Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека гласањето се одвивало непречено, а одѕивот до 18:30 часот е 44,57 отсто

Во 19 часот заврши гласањето во општина Брвеница каде денеска се одржуваат предвремени локални избори за нов градоначалник откако на 23 јуни годинава на 58-годишна возраст почина дотогашниот прв човек на општината, Јовица Илиевски.
Во исчекување на првичните резултати, Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека гласањето се одвивало непречено, а одѕивот до 18:30 часот е 44,57 отсто.
Гласачките места беа отворени во 7 часот. Право на глас имаа 16 256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство, а во затвор или во притвор се девет избирачи.
Тие можеа да се изјаснат за еден од шестмината кандидати: Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ, независниот кандидат Душан Богдановски, Јакуп Усеини од Влен, независната кандидатка Арифе Идризи и Аркин Јахији од Национална алијанса за интеграција предводена од ДУИ.
