„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт“, изјави на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски
Од опозицискиот СДСМ, пак, велат дека потезите на актуелната влада се исти како оние на поранешната власт на екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер, Никола Груевски, но и на сценаријата што српскиот претседател Александар Вучиќ ги спроведува во Србија
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ оставката на Љупчо Коцевски од функцијата државен јавен обвинител е почеток на неселективната правда, додека за опозицискиот СДСМ, таа е резултат на притисокот на власта насочен кон воспоставување на целосна контрола врз обвинителството и судството.

Двете партии попладнево излегоа со реакции по потегот на Коцевски да се поднесе неотповиклива оставка непосредно пред почетокот на денешната собраниска седница на која требаше да се расправа по предлогот на Владата за негово разрешување од функцијата.
Партијата што го предводи владиното мнозинство својот став го изнесе на прес-конференција на која говореше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Бране Петрушевски, кој кажа дека по првпат и самиот обвинител го признал тоа што целата јавност го кажувала, дека „Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда“.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој Обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“,
рече Петрушевски.
Како што наведе тој, оставката на Коцевски е јасна порака дека никој не е недопирлив, дека одговорноста е неминовна, а правдата доаѓа.
Ова е почеток на демонтажа на институциите заробени од претходната власт на СДСМ и ДУИ, кажа Петрушевски, кој во таа насока постави неколку прашања во врска со тајмингот на оставката.
„Дали затоа и чекаше оставката да биде на последниот ден кога ќе биде разрешен за да им купи време на неговите наредбодавци? Исто така, дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат преку 40 случаи на висока корупција против корумпираните функционери на СДС, ДУИ и други партии? ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира овој момент да биде преточен во конкретни и суштински реформи кои ќе обезбедат независно, професионално и департизирано обвинителство, во интерес на граѓаните и владеењето на правото“,
рече тој.

За опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), пак, притисокот за смена на државниот јавен обвинител е дел од сценариото на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски за целосно преземање на обвинителството и судството.
„Обвинител под контрола на Мицкоски и ДПМНЕ, судии под контрола на Мицкоски и ДПМНЕ. Целосна окупација и партизација на судството, враќање на ‘тефтерчињата’, погребување на правдата. Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ беше назначена за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители“,
се вели во соопштението од „Бихаќка“.
Оттаму велат дека потезите на актуелната влада се исти како оние на поранешната власт на екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски, но и на сценаријата што српскиот претседател Александар Вучиќ ги спроведува во Србија.
„Токму денеска во собранието на Србија започна расправа за реформи во Уставниот суд, исто како кај нас, и наместо реформска агенда се поставуваат инсталации на власта. Сè е диригирано и синхронизирано. Копи-пејст (Copy-paste). На власта во Македонија ѝ гори под нозе. Секој ден антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ) објавува корупциски скандали – како преку наместени тендери се пумпаат милиони евра од џебовите на граѓаните. А од власта – никаква реакција! Сè е поклопено“,
велат од СДСМ.
Од опозициската партија порачуваат дека намерите на власта нема да поминат и оти народот ги чека да им каже – крај.
Љупчо Коцевски, на прес-конференција во очи собраниската седница за негово разрешување, соопшти дека денеска си поднел неотповиклива оставка од функцијата државен јавен обвинител.
Тој кажа дека од почетокот говорел оти одлуката за негово разрешување е политичка, но, како што рече, таа е и незаконска. Доказ за тоа, додаде, е и тоа што поканата за негово присуство ја добил еден час пред собраниската седница, без предлогот за разрешување.
„Заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“,
кажа Коцевски на прес-конференцијата.

Тој рече дека негово разрешување се барало не затоа што сторил крупна дисциплинска повреда, туку затоа што јавно говорел дека Обвинителството работи во тешки услови, без доволно кадар и ресурси. А, тоа, како што посочи Коцевски, е поради недоволните средства што Јавното обвинителство ги добива од државниот буџет, за што одлучува Владата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја констатира неотповикливата оставка на Коцевски и за тоа ги извести пратениците на денешната 76. пленарна седница.
Оставката на Коцевски дојде во очи собраниската седницата на која втора точка на дневен ред беше предлогот на Владата за негово разрешување, што по новиот тек на настаните стана беспредметно, а тоа го констатира и собранискиот спикер.
