„Имајќи предвид дека Собранието на РС Македонија утврди престанок на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија (на Љупчо Коцевски) ве известувам дека Собранието нема да го разгледа предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија, бидејќи истата е беспредметна“, рече Гаши на почетокот на 76. пленарна собраниска седница
Коцевски, во изјавата за медиумите во заградата на Јавното обвинителство, рече дека од функцијата заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради, како што наведе, очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава
Собранието денеска претпладне ја констатира неотповикливата оставка што од функцијата државен јавен обвинител ја поднесе Љупчо Коцевски.

За констатирањето на оставката на Коцевски пратениците на почетокот на денешната 76. седница ги извести претседателот на Собранието, Африм Гаши. Седницата почна неполн час по прес-конференцијата на Коцевски, на која тој соопшти дека до закондавниот дом ја поднел својата неотповиклива оставка.
Оставката на Коцевски дојде во очи собраниската седницата на која втора точка на дневен ред беше предлогот на Владата за негово разрешување, што по новиот тек на настаните стана беспредметно, а тоа го констатира и собранискиот спикер.
„Ве известувам дека г. Љупчо Коцевски на 16.12.2025 година поднесе барање за престанок на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Констатирам дека Собранието на Република Северна Македонија согласно член 86, став 2, од Законот за јавното обвинителство на г. Љупчо Коцевски му го утврди престанокот на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Имајќи предвид дека Собранието на РС Македонија утврди престанок на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија (на Љупчо Коцевски) ве известувам дека Собранието нема да го разгледа предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија, бидејќи истата е беспредметна“,
рече Гаши.

Инаку, Коцевски, во изјавата за медиумите во заградата на Јавното обвинителство, рече дека од функцијата заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради, како што наведе, очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава.
Доказ за тоа, рече, е и тоа што поканата за негово присуство ја добил еден час пред собраниската седница, а предлогот за негово разрешување воопшто не му бил доставен и не знаел на што треба да се произнесе.
„Собраниска седница која очигледно требаше да биде само формалност и за која не ми беше овозможен ниту минимум разумен рок за да подготвам свое обраќање. Тоа е така затоа што е јасно дека станува збор за предлог кој не е заснован ниту на закон, ниту на факти, туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на јавното обвинителство“,
кажа тој.
Тој наведе дека негово разрешување се барало не затоа што сторил крупна дисциплинска повреда, туку затоа што јавно говорел дека Обвинителството работи во тешки услови, без доволно кадар и ресурси. А, тоа, како што посочи Коцевски, е поради недоволните средства што Јавното обвинителство ги добива од државниот буџет, за што одлучува Владата.
Во својата изјава, која беше насочена и кон јавноста и кон граѓаните, кажа дека со ниту една постапка не било утврдено дека сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители, кој даде негативно мислење по предлогот на Владата.
„Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“,
рече Коцевски.

Во излагањето тој се осврна и на, како што кажа, суштината, која е далеку поважна од самата постапка и од правните формалности.
Коцевски се осврна на тешките услови во кои ја презел функцијата, со сериозен недостаток на кадар и материјални ограничувања, но и покрај тоа институцијата успеала да постигне завидни резултати во борбата против криминалот и корупцијата.
Како еден од примерите ја посочи истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, која беше завршена за два и пол месеци, а од која произлегле и други истраги за кои во тек се постапки и проверки.
Сето тоа, како што посочи Коцевски, се случувало во моменти кога на Обвинителството не му биле овозможени услови од страна на извршната власт, односно Владата, за борба против криминалот и корупцијата.
Во тој контекст, тој посочи на последниот извештај на Европската комисија (ЕК) во кој најголема критика, како што кажа, беа политичките притисоци врз правосудството, кои ја парализираат борбата со корупцијата.
„Предлогот за мое разрешување е вистински пример за тоа, кој, верувам, ќе се најде во следниот извештај“,
рече Коцевски.
„Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување“,
додаде тој.
Коцевски рече и оти е убеден дека предлогот за разрешување е и поради тоа што се зафатил со „прочистување на редовите на обвинителството“.
Рече дека тој е првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, извршил контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Со оглед на тоа што беа констатирани сериозни пропусти во работењето на одредени јавни обвинители, а кои пропусти подоцна беа потврдени и од дисциплинската комисија, иницирав дисциплински постапки. Лицемерно е да бараме одговорност од граѓаните кои го прекршиле законот, ако не можеме да побараме одговорност во своите редови“,
рече тој, додавајќи дека тоа создава отпор и непријатели, но таквите постапки се неопходни ако сакаме обвинителство кое му служи на законот, а не на поединци или на центри на моќ.

На крајот тој упати и порака до граѓаните.
„Ми претставуваше чест на крајот на својата кариера да ја предводам оваа исклучително важна институција и секојдневно да се борам за вашата доверба во нас. Во Јавното обвинителство секогаш ќе имате сојузник за заштита на вашите права. Секогаш чувајте ја и штитете ја неговата самостојност. Обвинителството е институција во која често однадвор изгледа дека се кршат многу копја, но обвинителите и вработените во него остануваат последниот бедем што гарантира дека тие копја нема да се скршат од грбот на народот. Јас си заминувам од функцијата, но верувам дека обвинителството поседува институционален капацитет да работи објективно и непристрасно – затоа што институциите се поголеми од поединците, а правдата мора да биде поголема од политиката“,
рече Коцевски.
Прашан од новинарите кои се неговите планови за во иднина, тој рече, дека денеска порано ќе си оди дома од работа.
Љупчо Коцевски беше избран за државен јавен обвинител на 13 февруари 2024 година.
