Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека одлуката на Владата да ја продолжи постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски претставува уште еден доказ за, како што вели, намерата на власта да ги стави институциите под партиска контрола, наместо да спроведе суштински реформи

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговарајќи на прашање за владината одлука да продолжи со постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека во тоа не гледа обид за реформа.
„Сметам дека тоа е уште еден доказ дека сакаат само да ги партизираат институциите и ништо друго да не направат. Никаква реформа“,
изјави тој.
На дополнителното прашање дали е задоволен од работата на Коцевски, особено во контекст на тврдењата на Владата дека селективно постапува по кривичните пријави на МВР и Финансиската полиција, Филипче стави акцент на системските решенија што, според него, ги нуди СДСМ.
„Ние не сакаме да има тука лидерски систем, дека тука некој ќе се однесува како монарх, без разлика дали сум тоа јас како лидер или не, туку сакаме да направиме систем. Ете тоа ние сакаме да направиме“,
рече Филипче.
Во однос на прашањето дали постои „пакт за негонење“ меѓу врвовите на претходната и на актуелната влада, лидерот на СДСМ ја отфрли таквата можност.
„Зошто да има пакт за ненапаѓање? Јас ништо не сум украл. Па, еве јас не бегам од ништо. За што треба јас да се договарам? За каква амнестија“,
рече тој.

Како аргумент дека СДСМ не бега од одговорност и вистинска правда, Филипче ја реактуализира идејата за вклучување на Европското јавно обвинителство и европската обвинителка Лаура Ковеши.
„Ајде да ја донесеме Лаура Ковеши и европското обвинителство тука. Ајде тие нека кажат, тие нека арбитрираат, тие нека судат. Ако има сомнеж за договор, за обвинители вакви-такви, мои, твои, нечии и така натаму“,
порача Филипче.
Според него, одбивањето ваков чекор е јасен сигнал дека актуелната власт не сака европска правда и суштински реформи.
„Тоа сакаат луѓето да го видат. Не дали ќе биде Коцевски или некој друг. Чиј ќе биде тој друг? Тоа ќе биде првото следно прашање. По чија команда работи, под чие влијание? На европското обвинителство никој не може да му влијае. Ајде тоа да го донесеме“,
повика лидерот на СДСМ.
Прашан дали СДСМ ќе го поддржи Законот за Судски совет, Филипче одговори дека неговата партија има сериозни забелешки на предложениот текст.
„Не се имплементирани сите препораки од Оценската мисија на ЕУ. Ниту пола не се. Значи, тоа што е работено со Европа, тоа што европските институции кажале дека треба да се имплементира, во предлогот којшто е доставен од Министерството за правда, не е направено“,
рече Филипче.
Тој рече дека наместо брзо носење, ќе бараат јавна расправа за да ги кажат аргументите и јавноста да слушне за што станува збор.
