Од Здружението потсетуваат дека е важно да се негува медиумска средина во која уредувачката независност и плурализмот се почитуваат, без несоодветни партиско-политички влијанија или притисоци

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) регаираше на денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која објави медиуми за кои рече дека наводно не известувале професионално за актуелните прашања и за ставовите на партијата.
Од ЗНМ апелираат политичките субјекти да се воздржат од јавно етикетирање и дискредитација на медиумите. Таквите настапи, додаваат оттаму, можат да влијаат ограничувачки врз слободата на изразување и да ја намалат довербата во јавноста, што оправдано буди грижа и е за осуда.
„СДСМ, наместо јавно да ги рецензира медиумите, ќе беше посоодветно да ги искористи механизмите на саморегулаторните тела. Доколку постои сомнеж за неетичко или непрофесионално известување, на располагање стојат утврдени саморегулаторни механизми, како Советот за етика во медиумите и Советот на честа, преку кои може институционално и аргументирано да се проверат ваквите наводи“,
велат од ЗНМ во реакцијата.
Оттаму потсетуваат дека е важно да се негува медиумска средина во која уредувачката независност и плурализмот се почитуваат, без несоодветни партиско-политички влијанија или притисоци.
Кузеска денеска на прес-конференција насловена „Разоткривање – Како работат кујните на ДПМНЕ“ рече дека сликовито ќе покаже како работат од партијата за лаги, лажни вести и манипулации и како го преплавуваат медиумскиот простор со текстови и манипулации за одвлекување на вниманието на граѓаните и извртување на вистината.
Според неа, професионалните медиуми известувале професионално, ги пренесувале сите засегнати страни, ставовите на СДСМ, ставовите на власта, соодветно застапени околу темите со мигрантите, „бомбите“ што ги објави антикорупцискиот тим на партијата и нападот врз новинарите на „Инфомакс“.
Но, рече Кузеска, кујните на ДПМНЕ и нивните медиумски инсталации имаат проблем со вистината. Тие не ги пренесуваат ставовите на опозицијата, не ги пренесуваат „негативните вести“ за власта, не пренесуваат ништо од тоа што го говори СДСМ.
„Секогаш кога ќе се објави негативна вест за власта, започнува серија на објавени текстови, полни со полувистини, манипулации и лаги за да се поклопат вестите кои не ѝ одговараат на власта“,
додаде таа набројувајќи дел од медиумите.
Денеска, за прес-конференцијата на Кузеска реагираше и владината портпаролка Марија Митева, која рече дека Македонија не смее и нема да оди по патот кој потсетува на СДСМ кои преку јавен притисок се обидуваат да ги стават медиумите под контрола.
Митева вели оти со денешниот настап СДСМ направила јавно обележување и дискредитирање на медиуми со истакнување на графикони и политички квалификации, што претставува директен и недозволив напад врз слободата на медиумите.
