Нејзини добитници се академик Витомир Митевски – за остварување во областа на воспитанието и образованието, а композиторот Живоин Глишиќ и ликовниот уметник Беди Ибрахим – за остарување во областа на културата и уметноста
На годинешните добитници денеска во Собранието им е врачена државната награда „Свети Климент Охридски“ за 2025 година.
Одлуката за добитници ја донесе Одборот за доделување на оваа награда, под претседателство на писателот Томислав Османли.

Нејзини добитници за остварување во областа на воспитанието и образованието е академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог, а за остварување во областа на културата и уметноста се Живоин Глишиќ, композитор и Беди Ибрахим, ликовен уметник.
Во име на добитниците на наградата се заблагодари академикот Витомир Митевски, посочувајќи дека наградата е голема, пред се, зашто го носи името на нашиот прв учител и светец Климент Охридски, кој не е само што е основоположник на нашата црва, туку и на нашиот културен идентитет.
„Кога зборувам за култура, го доживувам она изворно значење на латинскиот збор ‘култура‘ која значи во исто време и култура во широка смисла на зборот, но и образование кое го препознаваме во она наше култивирање, тоа е култивирање на духот. Култивирање на духот е суштествена одлика на човечкото суштество. Ние од другите живи суштества се разликуваме на разни начини, но можеби најмногу се разликуваме во однос на нив со нашата култура. Ние се создаваме самите себеси преку нашата култура. Културата има значење и на национален план, затоа што како некои наши преродбеници и други дејци од порано сфатиле дека културата е она што е суштествено за еден народ. Еден од нив вели ‘културата, тоа е душата на еден народ‘,
рече академик Митевски.
Според него, заслужува почит држава што се грижи за својата култура и умее да ги препознае нејзините вредности.
Државната награда „Свети Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованито, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на државата.
