Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска вечерва сподели дека Турција го ратификувала протоколот за влез на С.Македонија во НАТО.

Ратификацијата на НАТО протоколот од страна на Турција секако е олеснување бидејќи изминатите месеци имаше информации дека е можно Анкара да ја условува ратификацијата со мерки против „ѓуленистите“ во С. Македонија.
Такво ветување Турција доби од земјава уште во февруари 2018 година, на средбата меѓу Реџеп Таип Ердоган и Зоран Заев, кога првиот човек на македонската влада го нарече ФЕТО „терористичка“ организација.
За можните релации меѓу ратификацијата на НАТО протоколот и акциите кои Турција ги бараат од Скопје против лица и фирми во С.Македонија зборуваше и самата Шеќеринска. Во гостувањето на „360 Степени“ во април годинава кажа дека не очекува блокада ако не се исполнат турските барања, но дека е можно процесот да оди поспоро.
За конечен прием на С.Македонија во НАТО протоколот треба да го ратификуваат уште околу една третина од 29 земји-членки на Алијансата. Засега, очекувањата се дека процесот ќе заврши до декември, за земјава да стане 30 НАТО членка на самитот во Лондон на крајот на годинава.