Најбрзо се возело на излезот од Скопје кон Тетово и на булеварот „Никола Карев“, додека најмногу прекршоци за поминување на црвено се регистрирани на раскрсницата на улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“

Вториот ден од тест-периодот на системот „Безбеден град“ бил со двојно помал број регистрирани сообраќајни прекршоци.
Податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР) покажуваат дека на 1 декември системот регистрирал 110 илјади прекршоци, а ден подоцна бројката паднала на 50 652 прекршоци за 24 часа.
Од вкупниот број прекршоци регистрирани на 2 декември, убедливо доминираат казните за брзо возење – 48 861. За поминување на црвено светло биле регистрирани 1 366 прекршоци, а биле „фатени“ и 425 нерегистрирани возила.
МВР информира дека во текот на вчерашниот ден, за само 12 часа се регистрирани 22 600 прекршоци, од кои речиси 95 отсто односно 21 400 се за пречекорување на брзината.
Најголемата регистрирана брзина во тест-периодот изнесувала 209, додека најмалата брзина за која е регистрирана казна е 51 километри на час.
Системот, како што велат од МВР за МИА, веќе идентификувал сообраќајни „жешки точки“ во градот каде што најчесто се кршат правилата.
Најбрзо се возело на излезот од Скопје кон Тетово и на булеварот „Никола Карев“, додека најмногу прекршоци за поминување на црвено се регистрирани на раскрсницата на улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“.
Од МВР велат дека системот „Безбеден град“ вчера во периодот од полноќ до пладне има евидентирано најмногу прекршоци за возење побрзо од дозволената брзина на излезот од Скопје кон Тетово, каде се регистрирани 4 300 прекршоци, како и на булеварот „ Никола Карев“, каде се регистрирани 3 000.
„Додека за поминување на црвено се регистрирани најмногу прекршоци на улиците ’Цветан Димов’ и ’Џон Кенеди’ – 45 прекршоци“, стои во одговорот од МВР.
Инаку, од 1 декември почна пробниот период за системот „Безбеден град“ за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци кој ќе трае еден месец, односно до 1 јануари 2026 година.
Имено, до Нова година возачите ќе добиваат само предупредување, односно известување за сторен прекршок, без изрекување казни, а од јануари идната година системот ќе почне целосно да се применува.
Вчера, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека никој нема да биде поштеден од казните што ќе ги евидентираат камерите на „Безбеден град“.
Тошковски смета дека „Безбеден град“ не е идеален и вели дека сигурно ќе има одредени елементи што ќе мора да се докоригираат и подобро да се решат некои чекори.
Според него, воведувањето на овој систем е одлична можност да се намали бројот на жртви на улиците, чија бројка оваа година е 142, што, според него, претставува катастрофа.
Според податоците што ги изнесе министерот, 24 часа откако почна пробниот период на „Безбеден град“ биле констатирани 110 000 прекршоци во Скопје, од кои 1 000 биле за нерегистрирани возила, 5 000 прекршоци за поминување на црвено светло и над 90 отсто од прекршоците се пречекорување на дозволената брзина.
Рече дека во овој тест-период се опфатени Скопје, Тетово и Куманово како градови, како и коридорите 8 и 10.
