Камбовски вели дека имало различни мислења во однос на постапката за избор по пресудата на Управниот суд, но верува дека се пред нивно усогласување

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, денеска изјави дека се надева оти до крајот на годината, Советот ќе успее да предложи нов член на Уставниот суд од редот на судиите. Ова место е испразнето откако Управниот суд го поништи изборот за уставен судија на судијката Елизабета Дуковска.
Камбовски, пред почетокот на 532. седница на Судскиот совет, посочи дека имало различни мислења во однос на постапката за избор по пресудата на Управниот суд, но верува дека се пред нивно усогласување.
„Имавме повеќе одржани работни состаноци во Судскиот совет, имавме различни мислења, и мислам дека сме пред усогласување на тие различни мислења, за да може да го ставиме како точка на дневен ред. Имаше разлики во смисла дали треба повторно да ги прегласуваме истите кандидати, ако се земе предвид пресудата на Управниот суд, дали да се оди директно на нов предлог, а овие да не се земаат предвид, и тука беа различните мислења“,
изјави Камбовски.
Тој нагласи дека Судскиот совет е колективно тело и оти за да се донесе предлог е потребно да се усогласени.
„Мојата желба беше уште вчера да предложиме, меѓутоа јас не сум сам, ние тука сме колективно тело и мора да имаме најмалку осум гласа за да дадеме предлог“,
додаде тој.
Камбовски, исто така, рече дека ги очекуваат и предлозите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и новиот Закон за Судски совет, кој на многу повисоко ниво дефинира што е истакнат правник. Тој ја поддржува одлуката на претседателката да го чека новиот Закон за Судски совет, кој е веќе поминат на Венецијанската комисија.
„Јас ја разбирам потполно претседателката зошто го чека новиот закон, бидејќи начинот и критериумите и објаснувањето, што е истакнат правник во овој нов закон, се навистина на едно европски, многу повисоко ниво подигнато од тоа што било претходно. И шансите да дојде член во Судскиот совет којшто не би можеле да го сврстиме како искусен правник, се сведени на минимум“,
рече тој.
Во поглед на судијката, професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која вчера си поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, рече дека тие немаат никакви ингеренции и таа оди преку Собрание.
Во однос на Судскиот совет, Камбовски потврди дека и покрај истекот на мандатот на двајца членови, Советот останува со 10 членови и има кворум за работа. За местото на судијата Халиф Зендели, кој заминува во февруари, огласот е веќе во тек.
Камбовски информира дека се забрзуваат постапките за избор на претседатели на судовите, кои беа запрени поради изборите.
„Имаме објавено оглас за претседател на Управен суд, за Кривичен Скопје, имаме оглас за Виш управен суд. Па сите ми се чини дека се при крај. Ако стигнеме до крајот на оваа година, сите тие ќе бидат поминати на седница“,
истакна Камбовски.
