Според Комисијата, размената на информации и паралелното донесување ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот што е строго забрането
Постоење картелно однесување меѓу десет осигурителни компании, утврди Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Како што соопшти Комисијата, станува збор за „Евроинс осигурување“, „Триглав осигурување“, „Македонија Скопје – Виена иншуренс“, „Сава осигурување“, „Еуролинк“, „Граце“, „Уника“, „Осигурителна полиса“, „Халк осигурување“ и „Кроација осигурување“.
Картелното здружување, како што велат од Комисијата, се однесува на осигурувањето од автомобилска одговорност, што секој сопственик на возило задолжително мора да го плати при регистрацијата на возилото.
„Во постапката е утврдено дека осигурителните компании во периодот 01.03.2024 до 07.05.2024 година разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле индентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност или т.н. режиски додаток“,
се вели во соопштението од Комисијата.
Таквото однесување, според одлуката, претставува ограничување „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.
„Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането“,
велат од Комисијата.
Изречени се глоби во вкупен износ од 17 266 930 денари.
