Дополнително, како што информира градоначалникот, по предлог на сите чинители од угостителскиот сектор, Драган Арсовски е избран за советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и кабинетот на Град Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека остварил средба со скопските угостители на која ги договориле деталите околу воведувањето посебни контејнери во кои ќе го одлагаат отпадот од своите локали.

„Договоривме секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање на отпад, како и термин за собирање кој ќе важи единствено за правните субјекти. Ова ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање“,
објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Дополнително, како што информира градоначалникот, по предлог на сите чинители од угостителскиот сектор, Драган Арсовски е избран за советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и кабинетот.
„Договоривме и до 15 јануари да се достават елаборатите за користење на урбаната опрема која досега во изминатите години не се наплаќаше, со што конечно ќе се стави крај на хаосот и ќе се воспостави јасен ред. Ако сакаме Скопје да биде чист, уреден и функционален град, мора да поставиме јасни правила и да работиме заедно“,
додаде Ѓорѓиевски.
Во интервју за ТВ Телма во понеделникот, Ѓорѓиевски најави дека од 1 јануари сите угостители на територија на Скопје треба да обезбедат посебни контејнери, а отпадот да се одлага на повик. Целта, како што рече, е угостителските објекти да излезат од „сивата зона“ во која се наоѓаат и да не ги користат граѓанските контејнери, без да се регистрирани како лица чиј отпад треба да биде третиран на посебен начин.
