Вината за непосредните причини за настанувањето на пожарот, одбраната ја лоцира кај групата ДНК. За пропусти во клубот, според адвокатката на Дејан Јованов, нејзиниот клиент не можел да биде свесен бидејќи не е стручно лице. Тоа, според нејзиниот говор, требало да го сторат надлежните институции, односно да извршат редовни контроли и да укажат на неправилностите, за да може да се поправат
Дејан Јованов не е монструм. Тој е обичен човек кому му падна на товар институционалната неодговорност.

Вака адвокатката Ивана Коцевска, која е бранителка на првообвинетиот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, кој е реален сопственик на клубот, го започна своето излагање на денешното рочиште.
Од овие почетни реченици, како и од нејзиното натамошно произнесување во нејзиниот воведен говор, адвокатката даде рамка во која ќе се се движи одбраната. Вината за непосредните причини за настанувањето на пожарот, одбраната ја лоцира кај групата ДНК. За пропусти во клубот, според неа, нејзиниот клиент не можел да биде свесен бидејќи не е стручно лице. Тоа, според нејзиниот говор, требало да го сторат надлежните институции, односно да извршат редовни контроли и да укажат на неправилностите, за да може да се поправат.
„Не можело да постои умисла за пиротехниката затоа што употребата на пиротехниката никогаш не била пријавувана од групата ДНК. Одбраната ќе докаже дека инспекциските служби никогаш не му предочиле било каква законска пропуст од отворањето на клубот до критичниот ден“,
рече адвокатката Коцевска.
Како што елаборираше таа, кај Дејан Јованов не можела да постои свест дека презема некакви незаконски дејствија за да биде исполнет концептот дека тоа што му се става на товар го сторил со умисла.
„Јасно ни е дека првиот кон кого ќего впериме прстот е газдата на локалот. Но, тука е причината за настанување на пожарот, а тоа е незаконската употреба на пиротехника. Пиротехниката била незаконски набавена, не била пријавена кај надлежните, а за тоа не бил известен ниту Дејан. Групата сама ја инсталирала и употребувала пиротехниката, а за тоа понудивме и докази од нивни претходни настапи. Ние сите израснавме со нивните песни, знаеме дека беа големи хуманитарци, но тоа не го намалува фактот дека самите без да пријават употребувале пиротехника и само прашање на време било кога ќе дојде до последица, а тоа се случи во Кочани”,
рече адвокатката.
Таа кажа дека одбраната во текот на главната расправа ќе докаже дека нејзиниот клиент ги презел сите потребни мерки за објектот, а институциите биле тие кои не си вршеле работата.
„Кај Дејан Јованов не постои одговорност за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. За другите одговорни лица дали биле свесни или не, не можам да говорам, но за Дејан во оваа постапка ќе докажам дека тој не бил свесен дека има некакви пропусти од кои ќе настанат последици. Дејан уште од самиот почеток кога го зел објектот под закуп ангажирал проектантско друштво за изготвување на основен проект, со елаборат за заштита од опасни материи, решение за користење на паркинг, а бил изготвен план за заштита и спасување. Вака подготвените документи биле доставени до општина Кочани, МВР, Државниот пазарен инспекторат… На крајот Министерството за економија му издало лиценца за работа, која му била издавана во наредните 13 години. За натамошни неправилности тој не можел да биде свесен, туку за тоа биле надлежни институциите“,
кажа бранителката на Дејан Јованов.
Таа го критикуваше обвинението за кое рече дека е небулозно и направено под политички влијанија.
„Морам да напоменам дека ние бараме и сакаме правда за овој случај, со правно издржана завршница. За жал, имаме нејасно и небулозно обвинение. Се направи комплексна композиција за причинско-последична врска на верижни дејствија кои не можат да се поврзат. Поетичниот воведен говор на обвинителството за сите нас не даде правна насока за издржаност на обвинението и не посочи ниту еден доказ со кој ќе докаже вина надвор од разумно сомневање”,
рече адвокатката.
