Министерот вели дека изминатиот период биле напишани казни за возачи на неколку министри велејќи дека станува збор за најмалку тројца, но не сакаше да ги открие нивните имиња
За тоа кои други прекршоци ќе бидат следени и дали ќе се стигне до крајот на годината да бидат променети и други закони за да почне целосната примена на „Безбеден град“, Тошковски рече дека во текот на оваа недела ќе се финализираат сите законски прописи што треба да се сменат, а не ја исклучи можноста имплементацијата да се пролонгира за еден месец

Од казните што ќе ги евидентираат камерите на „Безбеден град“ никој нема да биде поштеден, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Возило на итната помош кога вози со поголема брзина од јасно пропишаната не може да биде казнето, како и возило на МВР кое е во оперативна акција, но ќе има јасно утврдени процедури врз основа на кои таквиот тип на ’нормалност’ ќе биде констатирана, но ќе нема прекршочна постапка. Најодговорно тврдам дека ниту еден функционер во рамки на редовното вршење на неговите задачи нема да биде изземен од овој систем“,
рече Тошковски.
Тој ова го оправда со казните што изминатиот период биле напишани за возачи на неколку министри велејќи дека станува збор за најмалку тројца, но не сакаше да ги открие нивните имиња.
Прашан со колкава брзина се движел автомобилот со кој доаѓал на настанот денеска, Тошковски бројката не ја кажа, но рече дека и министерот за внатрешни работи доколку управува возило со поголема брзина и тоа е надвор од работните задачи нема да биде изземен од вина.
„Во рамки на она што е утврдена процедура за министер за внатрешни работи, за вицепремиер, за претседател на држава, премиер, претседател на Собрание кога се под полициска придружба тука важат други правила на игра“,
рече Тошковски.
Во врска со странските автомобили, Тошковски објасни како тие ќе бидат казнувани.
„Ниту странските возила нема да бидат исклучени, имаме утврдено правила и процедури како ќе се констатираат прекршоците. Странските возила при излез од Македонија не може да бидат спречени да излезат, но ќе бидат информирани дека нема да може да влезат во Македонија следниот пат ако не си ја платат казната. Тоа го имавме во предвид, и мислам дека понудивме соодветен одговор“,
рече Тошковски.
Тошковски смета дека „Безбеден град“ не е идеален и вели дека сигурно ќе има одредени елементи кои ќе мора да ги докоригираат и подобро да се решат некои чекори.
„Отворени сме да постапиме во насока на подобрување на системот и намалување на бројот на жртви“,
рече тој.
Според него, воведувањето на овој систем е одлична можност да се намали бројот на жртви на улиците која бројка оваа година е 142, што е, како што рече, катастрофа.
„Скандинавскиот просек е 20 жртви на милион жители, европскиот просек е околу 44, нашиот просек наназад 15 години е некаде околу 78 жртви на милион жители. Значи дека сме катастрофа во тој дел“,
рече Тошковски.
Според податоците што ги изнесе министерот, за 24 часа откако почна пробниот период на „Безбеден град“ биле констатирани 110 000 прекршоци во Скопје од кои 1 000 биле за нерегистрирани возила, 5 000 прекршоци за поминување на црвено светло и над 90 отсто од прекршоците се пречекорување на дозволената брзина.
„Не би сакал повторно да говорам за тоа што велат експертите и што е праксата и колкав е процентот на луѓе, коишто кога се удрени од страна на возило кое е управувано над 50 километри на час гинат секојдневно на улиците. А колкав е процентот на луѓе кои гинат при удар од 30 километри на час, а колкав е процентот кои гинат при челен удар со брзина од 70 километри на час. Ако се вози 52, а е дозволено 50, тоа е прекршок, а не кривично дело. Но, ако удрите човек со 52 километри на час а притоа тој загине, тогаш е кривично дело. Најодговорно тврдам дека не постои сообраќајна незгода со смртни последици која е настаната како последица на почитување на сообраќајни правила“,
додаде тој.
Истакна дека во Европа има примери каде што нема никаква толеранција во брзината, како на пример во Швајцарија, Белгија и други држави. Има и примери, рече тој, каде што толеранцијата изнесува до 10 отсто над дозволената брзина, и оти во наредниот период ќе размислиме како ќе го имплементираме тоа кај нас.
Во однос на слабостите што биле утврдени во овој тест-период, Тошковски рече дека ќе се работи на нивно коригирање.
„Констатиравме дека за мал број на прекршоци не соодвевствуваат фактичките податоци во записникот, со идентитетот на оној којшто ја примил пораката. Го знаеме проблемот, беше споделен и на социјалните мрежи, ќе утврдиме точно за причините за истиот и секако ќе го искоригираме. Морам да напоменам дека ова е тест период и целта е да ги запознае граѓаните за она што треба да следи во иднина и воедно да направи проверка на она што сме го утврдиле како системско решение“,
додаде тој.
Рече дека во овој тест-период се опфатени Скопје, Тетово и Куманово како градови, како и коридорите 8 и 10.
„Во рамки на овој тест период во прва фаза којшто сакаме да го заокружиме, говориме за Скопје, Куманово и Тетово како градови и коридорите 8 и 10. Имаме технички проблеми со коридор 8 и 10 коишто се надевам дека за брзо време ќе ги отстраниме во следните две недели“,
рече тој.
Тошковски додаде дека овој проект ќе се имплементира на територијата на цела Македонија, согласно бројот на возила, бројот на жители и статистиката за сообраќајни незгоди.
За тоа кои други прекршоци ќе бидат следени и дали ќе се стигне до крајот на годината да бидат променети и други закони за да почне целосната примена на „Безбеден град“, Тошковски рече дека во текот на оваа недела ќе се финализираат сите законски прописи што треба да се сменат.
„Веќе ги имаме предлог-решенијата, чекавме да видиме како ќе изреагира самиот систем и јавноста за да може да влеземе со предлог-законските решенија во рамки на собраниската процедура“,
рече тој.
Целта е, како што додаде, тие да бидат заклучени до крајот на годината и да се почне со имплементација.
„Сме на мислење дали тоа да биде од 1 јануари идната година или од 1 февруари затоа што не сакаме да наметнеме решение кое нема да биде подготвено за имплементација. Веќе го имаме, но сакаме да сме сигурни дека тоа е тоа. Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец да се има за адаптација и можеби тоа е подобро како техничко решение. Може ќе продолжиме уште еден месец плус се со цел да го допровериме суштински и да сме сигурни дека тоа е тоа“,
кажа Тошковски.
