Судијката Груевска-Илиевска го потсети обвинетиот дека за таков случај следуваат санкции како самица и други мерки, но додаде дека овој пат само ќе го опомене во иднина да не се случуваат слични прекршоци
Од застапниците на обвинението, односно од Обвинителството реагираа дека често се случува во затворите да има мобилни телефони и дека не треба да се изрекуваат само опомени
Во ќелијата на Џеваир Камбери, обвинет во случајот „Пулс“, кому му е одреден притвор, биле најдени поголем број мобилни телефони и лаптоп. Ова на почетокот на денешното рочиште го нотира судијката Диана Груевска-Илиевска откако утврди присуство на странките во постапката.

„Џеваир, од затворот добив информација дека кај вас биле најдени мобилни телефони и лаптоп”,
рече судијката.
Камбери одговори дека мобилните телефони веќе биле во ќелијата и оти само ги нашол.
Судијката Груевска-Илиевска рече дека станува збор за 13 мобилни телефони и лаптоп. Го потсети обвинетиот дека за таков случај следуваат санкции како самица и други мерки, но додаде дека овој пат само ќе го опомене во иднина да не се случуваат слични прекршоци.
Од застапниците на обвинението, односно од Обвинителството реагираа дека често се случува во затворите да има мобилни телефони и дека не треба да се изрекуваат само опомени.
Инаку, Џеваир Камбери е обвинет како поранешен службеник во Министерството за економија. Тој е единствениот од 35-те физички лица во „Пулс“ кој освен за тешки дела против општата сигурност е обвинет и за кривичното дело примање поткуп.
Сите други се гонат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Рочиштето продолжи со утврдување полномошници, односно адвокати на семејствата на жртвите во пожарот, кои не беа евидентирани, односно кои немаа доставено полномошни на претходното рочиште.
Адвокатите на оштетените што денеска се обратија до судот рекоа дека се приклучуваат кон кривично-правниот прогон на Обвинителството и изјавија дека отштетните побарувања ќе ги бараат во парнична постапка пред граѓански суд. По евидентирањето на адвокатите на оштетените, се очекува рочиштето да продолжи со изјаснување за вина на обвинетите и воведни говори на одбраната.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ што се случи на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. За пожарот се обвинети 35 физички лица и три правни лица, односно фирми.
Првообвинети се сопственикот на „Пулс“, неговиот син и брат.
Меѓу обвинетите се поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри, директори и инспектори во државни институции.
Поврзани вести:
- Судот го одложи утрешното рочиште за „Пулс“, следното го закажа за 2 декември
- Денеска нема да има изјаснување за вина на обвинетите во „Пулс“, дел не го добиле обвинението
- (ВИДЕО) Родители на загинати во „Пулс“ вербално „нападнаа“ адвокати од Кочани: За колку пари ги браните убијците на нашите деца
- Хаотични докази, ново обвинение и недобиени материјали – одбраната во „Пулс“ со бројни забелешки до Обвинителството
- Мора да има правда за нашите деца, судијката и Обвинителството ни дадоа надеж – вели мајка на загинат во „Пулс“
