Од Министерството за внатрешни работи (МВР) најавуваат строга примена на системот и велат дека нема да има толеренација без разлика дали ќе се документира прекршок во населено место или надвор од населено место
Од денеска, 1 декември, почнува пробниот период за системот „Безбеден град“ за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци. Пробниот период, како што информираа викендов од Министерството за внатрешни работи (МВР), ќе трае еден месец, односно до 1 јануари 2026 година.

Имено, до Нова година, возачите ќе добиваат само предупредување, односно известување за сторен прекршок, без изрекување казни, а од јануари идната година, системот ќе почне целосно да се применува.
Сторителите на прекршоци, велат од МВР, ќе бидат документирани преку системот „Безбеден град“, а потоа и санкционирани согласно одредба што ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата.
Од Министерството најавуваат строга примена на системот.
„Нема да има толеренација без разлика дали ќе се документира прекршок во населено место или надвор од населено место“,
велат од МВР.
Возачите чиј прекршок ќе биде документиран, ќе добијат смс и известување преку електронска пошта со линк, на кој ќе може да се преземе записник и платен налог. Од моментот на приемот на известувањето, тече рок од осум дена во кој ќе треба да се плати половина од сумата на казната.
По истекот на тој рок, во следните осум дена ќе мора да се плати целиот износ на казната, во спротивно отпочнува постапка за присилна наплата.
Инаку, казните ќе може да се плаќаат и електронски. Системот веднаш ќе регистрира и ќе ја извести полицијата дека глобата е платена.
Министерот за внаттрешни работи, Панче Тошковски во февруари годинава најави дека системот „Безбеден град“ (Сејф сити) треба да почне да функционира од 1 јануари 2026 година.
Неговата имплементација ќе почне во Скопје, Тетово и Куманово, рече Тошковски во август годинава, додавајќи, оти целта е е до средината на следната година со системот да биде покриена целата територија на државата.
Тошковски, во таа прилика изјави оти се надева дека коридорите 8 и 10 ќе биде дел од првичната илпементација и ставање во функција на овој систем.
„Целта е до средината на 2026 година со овој систем што детектира сообраќајни прекршоци да биде покриена целата територија на државата“, рече тој.
Целта на системот „Безбеден град“, рече тој, не е да се казнуваат граѓаните и да се полни буџетот на државата, туку да се спаси барем еден човечки живот повеќе од претходно.
Според министерот за внатрешни, очигледно е дека конзервативниот начин на борба против сообраќајните прекршоци и сторени кривични дела не дава резултати, па затоа се прави суштинска измена на законските прописи, имплементација на проектот „Сејф сити“ и заострување на казните против оние што безобѕирно управуваат со моторни возила.
