Властите покренаа истрага поради можна корупција, а како што беше соопштено претходно денеска уапсени се три лица под сомнение за убиство од небрежност
Смртниот биланс од пожарот во станбениот комплекс во Хонг Конг се зголеми на најмалку 83 лица, додека околу 300 и понатаму се водат како исчезнати, јавуваат светските агенции, додавајќи дека пожарникарите успеале да го го ставот огнот по контрола, но причините за катастрофата и понатаму остануваат непознати.

Полицијата се сомнева дека некои од материјалите што биле користени во надворешните ѕидови на зградите од комплексот не ги исполнувале стандардите за противпожарна отпорност, што предизвикало пожарот брзо да се прошири.
Властите покренаа истрага поради можна корупција, а како што беше соопштено претходно денеска уапсени се три лица под сомнение за убиство од небрежност.
Новиот биланс на загинати ги потврдија здравствените власти во Хонгконг.
Инаку, повеќе од 24 часа по избувнувањето на пожарот, пожарникарите поради високата температура и густиот чад сè уште се борат да стигнат до жителите кои можеби се заробени на горните катови од станбениот комплекс „Ванг Фук Корт“.
Видео-снимките од местото на настанот покажуваат пламен како зафаќа најмалку два облакодери од 32 ката, покриени со зелени заштитни мрежи и бамбусови скелиња.
VIDEO: 🇭🇰 Hundreds missing after Hong Kong's deadliest blaze in decades
— AFP News Agency (@AFP) November 27, 2025
Firefighters are scouring scorched high-rises for more than 250 people listed as missing a day after the financial hub's worst blaze in decades killed at least 65, according to a government spokeperson… pic.twitter.com/TFt3UiDEKm
Густо населениот комплекс во северниот округ Таи По има 2 000 станови распоредени во осум блока, во кои се сместени повеќе од 4 600 луѓе.
Како одговор на најсмртоносниот пожар во Хонгконг во последните 77 години, извршниот директор Џон Ли изјави дека владата ќе формира фонд од 300 милиони хонгконшки долари (38,6 милиони американски долари) за да им помогне на жителите.
Донации за жртвите од пожарот најави и неколку светски познати кинески компании.
Локалните медиуми објавија дека полициските службеници денеска извршиле претреси во зградата на компанијата одговорна за одржување на комплексот каде заплениле документи во кои се споменува „Ванг Фук Корт“.
„Имаме причина да веруваме дека компанијата била исклучително небрежна, што довело до оваа несреќа и предизвикало пожарот да се шири неконтролирано и да резултура со многу жртви. Тројца мажи од градежната компанија, меѓу кои двајца инспектори и еден инженерски консултант, се уапсени под сомнение за убиство ов небрежност“,
изјави Ајлин Чунг, генерален инспектор на полицијата во Хонгконг.
Многу жители на Хонгконг на социјалните мрежи упатија критики за небрежноста и намалувањето на трошоците за кои веруваат дека го предизвикале пожарот. Објавено е и видео накое се гледаат градежни работници како пушат цигари на скелињата од бамбус поставени околу еден од блоковите. Скелињата биле поставени поради реновирање на објектот.
Инаку, бамбусовите скелиња се дел од традиционалната кинеска архитектура, но владата на Хонгконг почна постепено да ги укинува во март годинава од безбедносни причини.

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на „сеопшт напор“ за гаснење на пожарот и минимизирање на жртвите и загубите, објави кинескиот државен радиодифузен сервис Си-си-ти-ви (CCTV).
„Ванг Фук Корт“ е еден од многуте станбени комплекси во Хонгконг, градот кој спаѓа во една од најгусто населените области во светот. Само во северниот приградски округ Таи По, кој се наоѓа во близина на границата со Кина, живеат околу 300 000 жители.
Инаку, комплексот е изграден во 1983 година и е дел од владината програма за субвенционирано домување.
Според објавите на социјалните мрежи, реновирањето на комплексот трае една година и чини околу 330 милиони хонгконшки долари (околу 36 милиони евра), при што секој станбена едница плаќа помеѓу 17 745 и 19 963 евра.
