„Верувам дека за брзо ќе започнат градежните активности што конечно ќе дадат нов лик на тој дел од градот“, рече тој
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска најави дека во текот на идната недела ќе биде распишана тендерска постапка за изградба на лунапаркот во Скопје, кој, како што додаде, во главниот град се очекува со години.

„Јас го поминав детството без да имам можност да го видам лунапаркот, а и најголем дел од моите колеги. Децата наши пораснаа, децата ваши пораснаа, децата на Скопје пораснаа, неколку генерации без да имаат таква можност. Го должиме тоа на нашите сограѓани. Ако не го направиле тоа претходните генерации, ние сме генерацијата што треба да го направи“,
рече тој.
Очекува дека онака како што ветил, до јуни 2027 година Скопје ќе има функционален лунапарк.
„Некаде во текот на наредната недела конечно ќе биде распишана и тендерска постапка за лунапаркот. Таму ќе поминуваат време нашите деца, мора да биде изработено по највисоки стандарди. Верувам дека за брзо ќе започнат градежните активности што конечно ќе дадат нов лик на тој дел од градот“,
кажа скопскиот градоначалник.
Изградбата на нов лунапарк, тој како ветување ја даде и за време на неговата кампања како кандидат за иден градоначалник на Скопје.
Тој денеска ја одржа и првата седница на Координативното тело на градоначалници, посочувајќи дека по повеќе од три години во Скопје повторно се воспоставува редовна и функционална меѓуопштинска координација.
Потоа, на прес-конференција говореше за плановите за подобрување на соработката, актуелните инфраструктурни и финансиски состојби, како и за низа прашања поврзани со јавниот превоз и комуналната хигиена.
Посочи дека изминатиот период имал интензивни средби со претставници во Брисел, додавајќи дека веќе не постои опасност Скопје да го изгуби статусот за Европска престолнина на културата 2028 година.
Во врска со сообраќајниот хаос, пак, Ѓорѓиевски рече дека не се средува преку ноќ, туку тоа ќе биде процес што ќе се решава во неколку фази.
