Институциите договориле заедничко координирано дејствување и засилен надзор. Исто така, договорено е да се изработи ургентен план со цел спречување на понатамошно лизгање на земјиштето

По иницијатива на Општина Центар, денеска во Центарот за управување со кризи (ЦУК) се одржал итен координативен состанок поради појавено обрушување на земјиштето на Водно, во близина на улиците „Белградска“ и „Партенија Зографски“.
Главна цел на состанокот, како што велат од ЦУК, била разгледување на состојбата на терен, проценка на ризиците по околните објекти и потребата од итно преземање мерки за стабилизирање на критичната зона.
Институциите договориле заедничко координирано дејствување и засилен надзор. Исто така, договорено е да се изработи ургентен план со цел спречување на понатамошно лизгање на земјиштето.
На состанокот присуствувале директорот на ЦУК, Мухамед Али, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, како и претставници од сите надлежни институции и служби.
Од ЦУК велат дека заклучоците од координативниот состанок ќе бидат официјално проследени до Владата за натамошно постапување и со барање за итно преземање мерки за обезбедување технички и правни услови за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.
Од Општина Центар велат дека стручните служби посочиле оти за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид. Меѓутоа, додаваат оттаму, бидејќи локацијата се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучително и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата.
„Констатирано е дека уште во 2022 година Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води од падините“,
додаваат од општината.
Градоначалникот Герасимовски истакна дека се работи за сериозна ситуација која бара координирано дејствување и постапување строго согласно ингеренциите на секоја институција.
