Лидерот на Хонгконг, Џон Ли Ка-чиу нареди итни инспекции на сите станбени комплекси што се реновираат за да се провери безбедноста на скелињата и градежните материјали

Бројот на жртви од пожарот што зафати станбен комплекс во Хонгконг се искачи на 55, а најмалку 123 се повредени, потврди градската противпожарна служба, пренесува Си-ен-ен.
Меѓу повредените лица има и осум пожарникари што биле вклучени во гаснењето на пожарот.
Според заменик-директор на Противпожарната служба, Вонг Ка Винг, денеска од 31 кат на опожарената зграда бил извлечен постар маж кој веднаш бил пренесен во болница.
Според официјалните лица, 51 лице починало на местото на настанот, додека четворица им подлегнале на повредите во болница.
Противпожарната служба сè уште не објавила никакви нови информации за бројот на лица кои сè уште се водат како исчезнати. Според претходните податоци од официјални лица, по пожарот се барале 279 лица.
Во меѓувреме, три лица се уапсени под сомнение за убиство од небрежност, а се огласи и лидерот на Хонгконг, Џон Ли Ка-чиу.
Тој нареди итни инспекции на сите станбени комплекси што се реновираат за да се провери безбедноста на скелињата и градежните материјали.
„Владата веднаш организираше инспекции на сите станбени комплекси што се подложени на големи реновирања низ Хонгконг за да се провери безбедноста на скелињата и градежните материјали“,
рече Џон Ли Ка-чиу.
Сè уште не е познато точно колку локации ќе бидат опфатени со инспекцијата. Хонгконг е град со 7,5 милиони луѓе и е познат по една од највисоките концентрации на облакодери и високи згради во светот.
Според пишувањата на локалните медиуми, а кои ги пренесува Си-ен-ен, по пожарот расположението во градот се менува од час во час. Првичниот шок и неверување се заменуваат со сè погласен гнев, а јавноста прашува кој е одговорен за трагедијата.
Незадоволството е особено видливо на социјалните медиуми, а гневот е дополнително поттикнат од изјавите на неколку жители кои открија дека не го слушнале противпожарниот аларм кога избувнал пожарот.
Истрагата за пожарот е во тек, но полицијата вели дека мрежестата и пластичните фолии пронајдени на прозорците на зградите можеби го олесниле ширењето на огнот.
Пожарот брзо се издигнал на второто највисоко ниво во системот за класификација на Хонгконг и се проширил на бамбусовите скелиња поставени околу надворешната фасада на висококатницата, а пожарникарите рекоа дека го локализирале користејќи скали и вода од погорните катови.
Пламените зафатија седум станбени блокови од комплексот. Областа се состои од осум станбени згради, секоја со 32 ката и вкупно 2 000 станови. Сите згради биле опкружени со скелиња за реновирање.
Стотици жители од комплексот се евакуирани во привремени засолништа.
